27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДанска ќе ја снабдува Германија со електрична енергија

Данска ќе ја снабдува Германија со електрична енергија

Данска има намера во иднина да ја снабдува Германија со енергија од ветер од вештачки енергетски остров во Северното Море.

Побарувачката за обновлива енергија значително ќе се зголеми во Германија, изјави данскиот министер за енергија Дан Јоргенсен во интервју за „Spiegel“.

Германската влада си постави амбициозна цел со намера да ги намали емисиите на стакленички гасови за 65% до 2030-та година во споредба со 1990-та година.

„На Германија ќе и треба сѐ што може да добие во однос на обновливата енергија“, вели Јоргенсен.

Владата во Копенхаген има намера да изгради вештачки остров со стотици турбини на ветер во близина на брегот на Северното Море. Балтичкиот остров Борнхолм мора да стане центар за дистрибуција на електрична енергија од обновливи извори.

Наводно, министерството на Јоргенсен и германското федерално министерство за економија формираа работна група која ќе ги истражува начините на заедничка работа.

„Со двата таканаречени енергетски острови, започнува нова ера на енергија од ветер“, рече Јоргенсен.

Проектот на островот е најголемиот инфраструктурен проект во историјата на Данска, со проценета цена од околу 28 милијарди евра.

Се очекува производството на електрична енергија да започне од 2033-та година. Данска на крајот на 2020-та година објави дека ќе престане да произведува нафта и гас во Северното Море до 2050-та година.

Планот предвидува создавање на вештачки остров во Северното Море кој ќе служи како центар за офшор фарми со ветер со моќност од 3 GW, кој во иднина би можел да се прошири на 10 GW.

Енергетскиот остров во Балтичкото Море ќе биде Борнхолм, а електричните постројки на островот ќе служат како центар за офшор фарми со ветер долж брегот со капацитет од 2 GW.

Данска има долга историја во користењето силни морски ветрови за производство на електрична енергија. Земјата ја изгради првата фарма на ветер во светот во 1991-ва година, а данскиот законодавец одлучи да го надгради климатскиот договор од 22-ри јуни 2020-та година со изградба на два енергетски острови.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП