19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГеоргиева: Пандемијата и натаму ја кочи светската економија

Георгиева: Пандемијата и натаму ја кочи светската економија

Пандемијата на Ковид-19 сѐ уште го попречува закрепнувањето на светската економија, а главната пречка е длабокиот јаз во вакцинацијата на богатите и сиромашните, предупреди шефот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

„Премногу земји имаат пристап до само мала количина од вакцината за Ковид -19“, истакна Кристалина Георгиева во виртуелен говор на Универзитетот Бокони во Милано.

Развиените економии ќе се вратат на нивоата пред пандемијата до следната година, додека на повеќето во развој и на оние во развој ќе им требаат години за да го сторат тоа, нагласи Георгиева, објавувајќи ги редовните прогнози на ММФ за падот на светската економија.

„Клучни двигатели на растот се уште се САД и Кина, активностите растат побрзо и во Италија и во Европа, но забавуваат во другите делови на светот“, објасни таа.

Изгубени 5,3 трилиони долари?

„Се соочуваме со економско закрепнување што сѐ уште е попречено од пандемијата и нејзините последици. Не можеме нормално да напредуваме, како да одиме со тегови на нозе“, нагласи Георгиева.

Таа ги повика побогатите земји да го зголемат снабдувањето со вакцини за земјите во развој, да ги отстранат бариерите во трговијата и да обезбедат грантови од 20 милијарди долари за тестирање на Ковид-19, следење контакти и лекови.

Закрепнувањето може да запре ако не го намалиме огромниот јаз во вакцинирањето на граѓаните од развиените и посиромашните земји, што може да ја чини светската економија 5,3 трилиони долари во следните пет години.

Ризик од инфлација

„Клучниот фактор на ризик се инфлаторните притисоци, кои треба да ослабнат во повеќето земји следната година, со исклучок на некои економии во развој“, рече шефот на ММФ.

Засега, централните банки не мора да ја заоструваат монетарната политика, туку треба да бидат подготвени да преземат акција на краток рок, доколку закрепнувањето се забрза посилно од очекуваното или ако ризикот од инфлација стане вистинска закана.

„Важно е паралелно да се следи финансискиот ризик, вклучително и преголемата вредност на средствата“, додаде таа.

Долгот е еднаков на БДП-то на глобално ниво, што значи дека многу земји во развој имаат многу тесен простор за маневар да издадат нови обврзници по поволни услови.

Зелени работни места

„Земјите, исто така, треба да вложат повеќе напори за борба против климатските промени, да обезбедат транзиција кон нови технологии и да го зголемат нивото на вклученост“, предложи Георгиева.

Сето ова, рече таа, може да го поттикне економскиот раст.

„Транзицијата кон обновлива енергија, нови мрежи за дистрибуција на електрична енергија и мобилноста со низок јаглерод може да го зголеми светскиот БДП за два проценти во оваа деценија и да создаде 30 милиони нови работни места“, дополни Георгиева.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП