28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСредба Ангеловска-Бежоска со директорот на ФИТР, Петров: Прва национална стратегија за финтек-секторот...

Средба Ангеловска-Бежоска со директорот на ФИТР, Петров: Прва национална стратегија за финтек-секторот до крајот на годината, потребен е инклузивен процес

Подготовката на Националната стратегија за развој на финтек-секторот кај нас би завршила до крајот на годинава. За успешно да се изработи и да се спроведе Стратегијата, како една од стратегиските цели на Народната банка, е потребно активно вклучување на голем број институции. Оттука, во Народната банка беше остварена средба помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Коста Петров, како и тимовите од двете институции. 

На средбата директорот на ФИТР, Петров, ги презентира предлог-мерките за забрзан раст на македонскиот „стартап“ екосистем, а исто така беше искажана подготвеност за вклучување на Фондот во изработката на Националната стратегија за развој на финтек-секторот. Воедно, се разгледаа и можностите за соработка меѓу институциите во наредниот период, во областа на иновациите во финансискиот сектор, како тема од заемен интерес.

На состанокот беа презентирани и активностите на Работната група за финтек-секторот во рамките на Народната банка, како воспоставувањето на т.н. Порта за иновации ‒ платформа за комуникација на Народната банка со иновативната бизнис-заедница (финтек-секторот) и други релевантни институции. Како што беше посочено, досега, преку оваа платформа се доставени повеќе прашања за консултација и е изразен интерес од повеќе домашни и странски субјекти за вложување во финтек-секторот во земјава. Исто така, со поддршка на Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ), се спроведени Анкета и Студија за остварливост за развојот на финтек-секторот во земјава, а извршено е и првото мапирање на финтек-екосистемот во земјава.

Инаку, неодамна ЕФСЕ ја посочи Народната банка како лидер во регионот во активностите за поддршка на развојот на финтек-секторот, а Република Северна Македонија како единствена земја во регионот чијашто централна банка го има мапирано финтек-екосистемот.

Дел од експертите на Работната група за финтек-секторот во Народната банка се вклучени и во работните групи за финансиски иновации формирани од Банката за меѓународни порамнувања (БИС), со што нашата централна банка учествува во оформувањето на најновите меѓународни согледувања и регулативи за финтек-секторот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП