20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКомпаниите добија повисоки сметки за струја, за граѓаните иста цена до Нова...

Компаниите добија повисоки сметки за струја, за граѓаните иста цена до Нова година, за подоцна не се знае!

Енергетската криза од Европската унија се прели и во Македонија. Граѓаните засега може мирно да спијат, но само до Нова година бидејќи електрична енергија има доволно обезбедено Универзалниот снабдувач за сите на регулираниот пазар, и тоа по стара цена. Но компаниите кои се на либерализираниот пазар веќе плаќаат повисоки цени за набавка на електрична енергија и тоа за над 50 насто. Според информациите ваквата криза е резулатат на неколку причини, како што се намалената испорака на природен гас, кој се користи за производство на електрична енергија. Потоа зголемувањето на цената за ЦО2 емисии за термоелектраните, и тоа од 22 на 80 евра за мегават час. Но и сушното лето и лошата хидрологија кои влијаеа врз производството на електрична енергија, а со тоа и на крајната цена.

Од Регулаторната комисија за енергетика за Денар велат дека граѓаните кои се на регулираниот пазар не треба да стравуваат со образложение дека цената е сигурна и не може да се промени. Тоа што во моментов се случува во Европа, односно драстичното зголемување на цените на сите берзи, е процес во кој не може да влијае ниту едно регулаторно тело од било која држава, бидејќи тоа се пазарни сличувања, вели Марко Бислимовски, претседател на РКЕ. Исто така тој додава дека освен големо забележување на цената на електричната енергија, постои и сериозно зголемување на цената на природниот гас. Бислимовски се надева дека состојбата со енергетиката ќе се стабилизира на глобално ниво а тоа ќе придонесе за нормализирање на ситуацијата и во земјава.

„Во делот на регулираниот пазар, ЕСМ како компанија има обврска да обезбеди електрична енергија пред се за домаќинставата, и е превидено до крајот на годината да обезбеди 100 проценти од потребите на домаќинствата по цена од 36, 1 евро за Мегават час. Во тој дел не очекуваме никакви промени бидејќи не очекуваме да има увоз ЕСМ затоа што имаме информации дека потребите на домаќинствата ќе бидат задоволени по иста цена. Но, во овој период цената на електричната енергија на слободниот пазар е зголемена и се разбира дека тоа кај одредени македонски компании ќе има соодветно влијание. Само за споредба, доколку цената на ЕСМ по која испорачува на домаќинстата е 36 евра за мегават час, цена на слободниот пазар имаме 140 евра за мегават час“, вели Марко Бислимовски претседател на РЕК.

Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески упати сериозен апел до регулаторот во кој се посочува дека токму таа институција мора да биде на висина на задачата и енергично да дејствува за да се престане со манипулативното откажување на договорите со конкретни мерки, кои ќе вклучуваат јавно објавување и одземање на лиценците, не само на компаниите, туку и на сопствениците на истите, со трајна забрана на вршење на ваква дејност. Според првиот човек на Стопанската комора, подигањето на домашното производство на електрична енергија е сигурно базичната мерка која може да изврши најголема превенција. Азески сега е загрижен за планирањето на проекциите и идните инвестициски циклуси на компаниите, бидејќи според него не се знае како ќе се движи цената на струјата во текот на периодот што следи.

„Бидејќи се наоѓаме во период кога компаниите ја проектираат својата позиција за наредната година, што побрзо мора да се излезе со јасна прогноза како ќе се одвиваат работите понатаму, како би можело тоа да биде вградено и во проекциите на самите компании. На обичните луѓе совршено им е јасно дека цената на енергенсите директно влијае врз цената на производот и услугата, а со неконтролираниот порастот на цените на производите и услугите, лесно може да настанат проблеми и на макроекономски план“, вели Бранко Азески претседател на Стопанската комора.

Бислимовски признава дека постојат компании добавувачи на струја на кои не им се исплатело да ја вршат својата работа по новите повисоки цени и на фирмите од земјава со кои имаат договор за испорака им го раскинале тој договор. Бислимовски вели на такви за компаниите кои ги раскинале договорите со фирмите ќе им ги одзема лиценците за работа. А одговорниот за економијата на Илинденска број 2, вицепремиерот во владата Фатмир Битиќи, уверува дека нема да се случи нов ценовен шок за граѓаните.  Битиќи посочи дека Владата, во согласност со преземените меѓународни обврски и во насока на зачувувањето на здравјето на граѓаните, влезе во процес на транзиција на производството на електрична енергија од конвенционални извори кои загадуваат – кон производство на електрична енергија од обновливи извори, а каде како транзиционо гориво ќе се користи и природниот гас.

„Сега ги гледаме предностите на либерализацијата на пазарот на електрична енергија. Кога имаме либерализиран пазар, се зголемува конкуренцијата, но и се презема ризик за евентуални движења на глобално ниво. Тоа сега се случува во овој момент. Сите оператори кои влегоа во овој енергетски пазар, за дистрибуција на електрична енергија до одредени потрошувачи, знаеја дека преземаат ризик во либерализираниот пазар. Во одреден период купуваат електрична енергија со пониска цена и ја продаваат за повисока, со маржа за добивка, но во друг момент цената може да порасне толку, па да се појави загуба. Тоа се пазарните движења.“ изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Во однос на производството на струја, од државните електрани признаваат дека имаат проблеми со производството на струја. Но од ЕСМ напоменуваат дека вложуваат напори и тврдат дека обезбедена е во целост потребата на ЕВН Хоум од електрична енергија, или Универзалниот снабдувач за граѓаните на регулираниот пазар. Во овој момент цените на електричната енергија на регионалните берзи се за три пати зголемени, и од 56 е/MWh пред неколку месеци, сега цените се движат меѓу 140 и 160 е/MWh, велат од државните електрани.

„Условите за производство на електрична енергија се тешки во сите капацитети, како во термоелектраните, така и во хидроелектраните. Хидрологијата е неповолна и оваа година, така што не може да се произведува електрична енергија од вода во оптимални количини или количини предвидени со годишнот план за производство. Исто така се наидува на тешкотии во термоелектраните во однос на количините на јаглен во рудниците, особено со недостигот на јаглен во РЕК Осломеј“, велат од ЕСМ.

Во првите шест месеци од годинава цената на струјата била поскпа за 0.2 во однос на второто полугодие лани, ова го објави Државниот завод за статистика. Во август годинава струјата поскапе за 12 отсто во однос на ланската година.  Но, поради одлуката за намалување на ДДВ-то на електричната енергија од 18 на пет отсто регулаторот соопшти дека висината на сметките ќе бидат непроменети. Но и покрај тие убедувања сепак државните институции пресметаа благо зголемување на цената на струјата.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП