20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБританскиот туристички сектор најавува бран отпуштања по лошите летни резултати

Британскиот туристички сектор најавува бран отпуштања по лошите летни резултати

Британскиот сектор за патувања подготвува нов бран отпуштања поради рестриктивните владини регулативи за патувања што ја уништија летната сезона и укинувањето на преостанатите мерки за поддршка, објави асоцијацијата „АБТА“.

Новите резервации за ова лето беа 83 проценти пониски од нивото пред пандемијата, така што повеќето членови планираат да отпуштат повеќе работници подоцна овој месец, кога владата ќе ги прекине сите преостанати субвенции, велат од асоцијацијата, која претставува повеќе од 4.300 туристички брендови.

Авиокомпаниите и туристичките компании жестоко ги критикуваа владините регулативи за патување, тврдејќи дека се премногу скапи и комплицирани и одговорни за уште една изгубена сезона на летни одмори.

„Владините мерки за патување ја задушија продажбата на патувања ова лето, загрозувајќи ги работните места, бизнисите и поврзаноста на Британија со светот“, рече извршниот директор на „АБТА“, Марк Танзер.

Новиот бран отпуштања ќе го зголеми бројот на изгубени работни места во секторот за патувања, поврзани со пандемијата, на ниво од 100.000, или на 226.000 кога ќе се додадат компании во синџирот на снабдување, објави „АБТА“.

Тие се приклучија на повиците од авиокомпаниите и аеродромите до владата за укинување на задолжителните тестови за ПЦР за целосно вакцинирани патници кои се враќаат во Обединетото Кралство.

Тие, исто така, рекоа дека владата треба да обезбеди прилагодена финансиска поддршка за туристичкиот сектор, кој продолжува да страда од финансиски тешкотии додека домашната економија успеа да се опорави.

Пандемиски ефект

Економското закрепнување се рефлектираше во фактот дека британските работодавци вработија рекордни 241.000 работници во август, што го надмина бројот на вработени пред воведувањето мерки за затворање во првиот бран на пандемијата во 2020-та година, покажаа официјалните податоци.

Компаниите објавија нешто повеќе од милион огласи за вработување во август, најмногу откако статистичката служба почна да објавува податоци во 2001-ва година, а стапката на невработеност малку се намали за три месеци до јули, на 4,6 проценти.

Бројот на вработени се зголеми за 183.000 во истиот период.

Јули го означи врвот на „пингдемијата“, кога стотици илјади работници беа принудени на самоизолација откако владината апликација за мобилни телефони ги предупреди со звучен сигнал дека се во контакт со луѓе со заразени со Ковид-19.

Просечната неделна плата беше 8,2 проценти повисока во тримесечниот период до крајот на јули отколку во истиот период од минатата година, но таа бројка го одразува силното влијание на пандемијата и програмите за зачувување на работните места, предупредува „ОНС“.

Платите без надоместоци се зголемија за 6,8 проценти, но реалната стапка на раст веројатно се движи од 3,6 до 5,1 проценти, според статистичката служба.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП