25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКина најави продажба на нафта од стратешките резерви

Кина најави продажба на нафта од стратешките резерви

Кинеската државна резервна управа објави продажба на нафта на пазарот преку јавна аукција со цел да се ублажи притисокот од високите трошоци за суровини врз домашните рафинерии.

Администрацијата за прв пат ќе продава нафта од резервите, се наведува во соопштението објавено во петокот, во кое се истакнува дека нафтата ќе се продава постепено, претежно на интегрирани рафинерии и хемиски фабрики.

Ова потенцијално исклучува учество на помали, независни рафинерии на аукциите.

Овој потег „подобро ќе ја стабилизира понудата и побарувачката на домашниот пазар и ќе ја гарантира енергетската безбедност на земјата“, додаде владата, без да прецизира колку нафта планираат да продадат или кога имаат намера да одржат аукции.

Кина е најголемиот увозник на сурова нафта во светот, но тоа е многу таинствено кога станува збор за нејзините стратешки резерви на нафта.

Пекинг оваа година постојано презема чекори за да го спречи зголемувањето на цените на суровините и дури продаде метали од државните резерви за прв пат по повеќе од 10 години за да ги намали трошоците на производителите.

Ненадејната објава за продажба на резерви на нафта се совпадна со силниот пораст на цената на референтната сурова нафта Брент, за околу 40 проценти во оваа година, поради обновувањето на побарувачката на енергија по колапсот предизвикан од кризата со коронавирусот во 2020-та година.

„Веста за стратешките резерви на нафта се совпадна со затворањето на платформата на „Shell“, „Mars“, што ги натера најголемите кинески компании да бараат алтернативни опции, бидејќи добар дел од 10-12 милиони барели купени од бродската платформа на „Mars“ во септември и октомври беа откажани“, рече аналитичарот на „Energy Aspect“, Лиу Јунтао.

„Royal Dutch Shell“ ја затвори платформата „Mars“ во Мексиканскиот Залив кон крајот на минатиот месец во пресрет на ураганот Ида, потсетува „Reuters“.

Лиу предвидува дека Кина ќе продаде максимум од 10 до 15 милиони барели на аукција.

Во почетокот на јули, консултантската фирма „Energy Aspect“ процени дека стратешките резерви на Кина содржат 220 милиони барели сурова нафта, во согласност со двонеделната побарувачка.

Кина последен пат објави податоци за стратешките резерви на нафта во 2017-та година, кога Националното биро за статистика на земјата објави дека изградиле девет бази за складирање со вкупен капацитет од 37,73 милиони кубни метри, или 237,66 милиони барели сурова нафта.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП