7 ноември, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнгеловска-Бежоска: Народната банка ќе продолжи со водењето олабавена монетарна политика

Ангеловска-Бежоска: Народната банка ќе продолжи со водењето олабавена монетарна политика

Една од лекциите научени од Големата финансиска криза од 2008/9 година е дека поддршката за економијата од носителите на политиките, вклучително и од централните банки, не треба да запре пред време, пред да има солидна и одржлива динамика на обновување на економскиот раст. Закрепнувањето од досегашните шокови од корона-кризата е во тек, но неизвесноста во врска со пандемијата и нејзините влијанија врз динамиката на економското заздравување сѐ уште постои и потребна е натамошна поддршка од носителите на политиките. Користејќи го сѐ уште расположливиот простор за монетарен стимул, Народната банка ќе продолжи со водењето олабавена монетарна политика, со тоа давајќи поддршка за македонската економија во нејзиното закрепнување.

Ова го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вчера, на панел-дискусијата на тема „Макроекономските политики и јавните финансии во време на постпандемија“, на Првата годишна конференцијa на Министерството за финансии – „Економско заздравување и раст по ковид“, во рамките на Економскиот и финансиски форум.

Во дискусијата, гувернерката истакна дека сепак, просторот за водењето олабавена монетарна политика не е неограничен и дека воопшто, централните банки секогаш мора да внимаваат и на можните несакани ефекти и ризици од предолг период на олабавување на монетарната поставеност.

„Накусо, иако преку монетарната политика се обезбедува дополнителен стимул за економијата, за да се постигнат долгорочни позитивни ефекти, потребно е да се задржи вниманието и на структурните и на трансформациските политики, коишто се клучни за зголемување на потенцијалот за раст.“ – посочи Ангеловска-Бежоска.

Во однос на поставената на монетарната политика, таа нагласи дека со оглед на монетарната стратегија за де факто фиксен девизен курс, просторот за приспособување на политиката зависи првенствено од два клучни фактора: официјалните девизни резерви и ценовната стабилност. Притоа, се осврна на актуелните состојби и меѓу другото посочи дека според сите стандарди, девизните резерви остануваат соодветни за стабилност на девизниот курс на денарот во однос на еврото.

На панел-дискусијата, којашто ја водеше шефот на Одделот за економија, градење на институциите и прекугранична соработка при Делегацијата на ЕУ, Фрек Јанмат, гувернерката Ангеловска-Бежоска говореше и подетално за мерките на Народната банка и ефектите од нив од избувнувањето на ковид-кризата наваму, како и за кондицијата во којашто се наоѓа банкарскиот систем според најновите показатели. Притоа, нагласи дека показателите укажуваат на простор и за натамошна кредитна поддршка за економијата од страна на банкарскиот сектор, при што секако треба да се има предвид и потребата од негова претпазливост.

На панел-дискусијата, покрај гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска учествуваа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, директорот на Одделот за Европа во ММФ, Алфред Камер, регионалната директорка на СБ за Западен Балкан, Линда ван Гелдер, министрите за финансии на Косово и на Албанија, Хекуран Мурати и Анила Денај и претседателот на Комисијата за финансирање и буџет во Собранието на РСМ, Тимчо Муцунски.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП