24 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАИнфлацијата во еврозоната се искачи на највисокото ниво во последните 10 години

Инфлацијата во еврозоната се искачи на највисокото ниво во последните 10 години

Инфлацијата во еврозоната повторно порасна во август, пред клучниот состанок на Европската централна банка (ЕЦБ) за нешто повеќе од една недела.

Потрошувачките цени се зголемија за 3% на годишно ниво овој месец, според првичните податоци објавени вчера, откако пораснаа за 2,2% во јули.

Вчера Германија ги објави своите највисоки потрошувачки цени од 2008-ма година, а инфлацијата во август порасна за 3,4 проценти. Франција, исто така, објави највисока инфлација во последните три години.

ЕЦБ, чиј следен состанок е на 9-ти септември, се очекува да разговара за иднината на нејзината програма за купување средства, додека управниот одбор на финансиската институција се чини поделен околу тоа кога да започне со повлекување на своите стимулации.

Во говорот оваа недела, гувернерот на француската централна банка, Франсоа Вилроа де Гало, рече дека ЕЦБ треба да го земе предвид неодамнешното економско закрепнување кога разговара за тоа што да прави со својот стимулативен пакет за Ковид-19.

Во меѓувреме, гувернерот на Централната банка на Финска, Оли Рен, минатата недела во интервју за „Politico“ рече дека централната банка треба да биде претпазлива во врска со повлекувањето на стимулациите.

Записникот од последниот состанок на ЕЦБ покажа дека некои од членовите веруваат дека позицијата на банката го потценува ризикот од повисока инфлација.

Повисоката инфлација во еврозоната објавена вчера најверојатно ќе изврши притисок врз централните банкари, особено ако се земат предвид коментарите на американската централна банка, која размислува да го повлече стимулот до крајот на годината.

Целта на ЕЦБ за инфлација е 2% на среден рок. Според сопствените прогнози, инфлацијата се очекува да порасне до 1,9% во оваа година поради привремени фактори, пред нејзиното ниво да падне на 1,5% и 1,4% во 2022-ра и 2023-та година, соодветно.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП