Со нов квалитативно различен пристап во привлекување инвестиции успеавме да наметнеме повисоките плати за нашите сограѓани да бидат клучен сегмент во инвестициските планови на идните странски инвеститори со што дефинитивно се напушта концептот на евтина работна сила, изјави директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски во емисијата „Жешко политичко лето“ на Канал 5.
“Не трчаме по камери и лопати, туку трчаме по поголеми плати за поголем број наши сограѓани и повеќе пари во буџетот. Бенефитот од странските инвестиција не е да имате успешна политичка кампања или да се претставите како успешни политичари. Бенефитот е што повеќе наши сограѓани да добијат подобри плати. Во изминативе девет месеци воведовме квалитативно различен пристап во привлекување на инвестиции. Ако фокусот порано, на нашите претходници и политички опоненти бил насочен кон поголем бројот на работни места и колку тоа ќе го продадат како успех во јавноста, нашиот е поголеми плати и тоа не прави различни. Од она што го гледаме сега во инвестициските планови дури и кај постојните инвеститори кои сакаат да вложат во нови проекти имаме плати за 20% до 30% поголеми,“ рече Деспотовски.

