26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБундесбанк: Нов бран на корона може да го загрози заздравувањето на германската...

Бундесбанк: Нов бран на корона може да го загрози заздравувањето на германската економија

Економскиот раст во Германија може да биде послаб во оваа година отколку што беше предвидено, бидејќи економијата неочекувано може да биде оптоварена со повторување на пандемијата со Ковид-19 во текот на есента, предупреди Бундесбанк во понеделникот.

Се очекува најголемата европска економија да порасне 3,7 проценти во оваа година и 5,2 проценти во 2022-ра година, но заздравувањето во првите недели беше послабо од предвиденото и најверојатно ќе влијае на годишните резултати, според Бундесбанк.

Економијата, најверојатно, ќе порасне силно во летните месеци, бидејќи на секторот услуги му помогна ублажувањето на коронамерките паралелно со намалувањето на бројот на заразени, што ги зголеми приходите од туризмот.

Иако владата би можела повторно да воведе некои ограничувања оваа есен, ако бројот на заразени продолжи да расте, најверојатно нема да биде толку строг како во претходниот период, бидејќи Германија постигна напредок во вакцинирањето на населението, додаде централната банка во месечниот извештај.

Заканата несомнено е предизвикана од побавна стапка на вакцинација и индикаторите за расположение веќе сигнализираат зголемена загриженост за ширењето на делта варијантата на вирусот во Европа.

„Варијантата делта на Ковид-19 и послабата динамика на вакцинација може повторно да го поттикнат заострувањето на заштитните мерки, што дополнително ќе ја оптовари економијата во есенскиот квартал“, велат од Бундесбанк.

Тие потврдија дека инфлацијата може да се приближи до нивото од пет проценти до крајот на годината, што е значително над целното ниво на Европската централна банка од два проценти, но на почетокот на следната година, растот на цените треба нагло да забави.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП