27 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСВЕТПовеќе од 1.400 загинати во земјотресот на Хаити

Повеќе од 1.400 загинати во земјотресот на Хаити

Повеќе од 1.400 луѓе ги загубија животите во земјотресот со јачина од 7,2 степени според Рихтеровата скала што го погоди Хаити викендот, објави агенцијата ДПА.

Бројот на загинати се искачи на 1.419, а 6.900 луѓе се повредени, изјави на брифинг во понеделникот Џери Чендлер, началник за цивилна заштита на оваа карипска нација.

Спасувачките служби ги продолжуваат своите напори.

Се очекува голем број луѓе да бидат под урнатините на зградите уништени во земјотресот.

Спасувачите работеа под притисок додека се приближуваше тропската депресија Грејс со ветрови до 55 милји на час.

Времето може да ја влоши ситуацијата во областите погодени од земјотресот, соопшти Агенцијата за цивилна заштита на Хаити. Американскиот центар за урагани предупреди на поплави и лизгање на земјиштето.

„Ќе дејствуваме брзо“, напиша привремениот премиер Ариел Хенри на Твитер.

Земјотресот се случи во саботата наутро на околу 12 километри од Сен-Луј-ду-Суд на длабочина од околу 10 километри.

Бројни згради беа уништени, а фотографиите од областа покажаа како луѓето ги пребаруваат урнатините на своите домови.

Најмалку 13.700 куќи се уништени, а исто толку се оштетени. Повеќе од 30.000 семејства се погодени, објави весникот Ле Нувелисте.

„Илјадници луѓе се уште се на улица во потрага по своите најблиски или се обидуваат да спасат некои од нивните предмети кои се под урнатините“, рече Марсело Вискара, директор на хуманитарната организација за деца на Хаити, World Vision.

Според Каритас Интернационал, сега најпотребни се храна, вода за пиење, шатори и примарна здравствена заштита.

Болниците се преполни. Во дворот на болницата во Џереми, еден од најпогодените градови, повредените чекаат во шатори да направат преглед, како што може да се види на видеото објавено на социјалните мрежи.

Хаити, која се смета за најсиромашна земја на Западната хемисфера, се уште живее со последиците од земјотресот со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала, што се случи на 12 јануари 2010 година, при што загинаа околу 220.000 луѓе, а милион останаа без покрив над главата.

Хаити е исто така во политички превирања по убиството на претседателот во јули. Тешко вооружени командоси го убиле во ноќен напад во неговата резиденција.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП