7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА„Екосвест“: Маркова Река затрупана при изградбата на малите хидроцентрали

„Екосвест“: Маркова Река затрупана при изградбата на малите хидроцентрали

Маркова Река е затрупана при изградбата на малите хидроцентрали во горниот тек на оваа река, велат од „Екосвест“. Од таму алармираат дека станува збор за страшно уништување на природата и комплетно игнорирање на секој постоечки закон и правило.

„Со жалење информираме дека и покрај сите апели, барања и предупредувања од граѓанските организации да се почитуваат мерките за заштита на животната средина, Маркова Река деновиве ја затекнавме комплетно затрупана со камења, карпи и земја како последица од градежните активности за трите мали хидроелектрани што се градат во погорниот тек на оваа река“, соопштија од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Екосвест“.

Од таму велат дека реката и речното корито се целосно уништени и дека цели сегменти од реката се затрупани со материјал од градежните активности, при што е оневозможено нормално течење на реката и е уништен целиот екосистем.

Од „Екосвест“ наведуваат дека според Законот за води треба да се одземе водното право на концесионерот во случај кога е загрозено здравјето на луѓето и природната рамнотежа на водните екосистеми и екосистемите зависни од вода.

„Живиот свет во и околу реката е загрозен, видливи беа мртви речни ракови кои едноставно останале заглавени во странични вирчиња оставени да пресушат. Штетата што е направена не може да се надомести, станува збор за страшно уништување на природата и комплетно игнорирање на секој постоечки закон и правило. Повеќе години водиме борба со институциите да запре ваквата уништувачка изградба на мали хидроелектрани, особено во подрачја богати со ретки, загрозени и ендемски видови. И покрај ветувањата од институциите, сепак се дозволува вистинска еколошка катастрофа“, вели Ана Чоловиќ Лешоска од „Екосвест“.

Што е уште пострашно, додава таа, ова се случува во моменти кога земјата е соочена со продолжена суша и пожари кои ја опустошуваат територија на државата и се води борба да се стигне до капка вода повеќе.

„Ексвест“ бара од Министерството за животна средина веднаш да почне постапка за раскинување на издадената концесија за хидроелектраните Маркова Река 143, 144 и 145 на концесионерот Индиго Хидро Македонија – Скопје по основ на грубо прекршување на сите законски одредби за заштита на животната средина и за добра градежна пракса.

Исто така, бараат да се задолжи концесионерот да ја поправи состојбата на Маркова Река до степен до кој тоа е возможно.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП