29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСо поддршка од Европската Унија подобрен туристичкиот потенцијал во општините Дојран и...

Со поддршка од Европската Унија подобрен туристичкиот потенцијал во општините Дојран и Конче

Амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија, Дејвид Гир, во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК), финансиран од Европската Унија, денес ги посети општините Дојран и Конче. Во Дојран негов домаќин беше градоначалникот Анго Ангов, со кого заедно ја промовираа новата инвестиција поддржана од ЕУ за изградба на зелена рекреативна зона, детски игралишта, парк за миленици во самиот центар на Стар Дојран како и уредување на летната сцена.

“Дојран е атрактивен како за домашните така и за транзитните туристи, а бројките на посети растат од година во година. Со новата инвестиција преку пот-проект „Дојран – туристички бисер вo Југоисточна Македонија“, која чини околу 650.000 евра, а е финансиран од Европската Унија, се добива нова рекреативна зона во која туристите и мештаните ќе можат да се опуштат и да уживаат во секој период од годината. Овој простор кој со години беше запуштен и даваше неубава слика за Дојран, сега е урбанизиран и реновиран по најнови европски стандарди.  Добивме нови содржини со урбана опрема, нови детски игралишта, игралиште за миленици, летниковци, места за спортување и релаксација, како и ново осветлување кое недостигаше во тој дел. За овој проект добивме многу позитивни реакции, па очекуваме да придонесе привлекување на уште повеќе туристи”, изјави градоначалникот Ангов.

“Со новите и реконструирани содржини во општина Дојран, кои се реализирани со финансиска поддршка од Европската Унија, се придонесува за зајакнување на туристичките потенцијали на оваа интересна и автентична езерска општина, која ја карактеризира богата историја и култура, медитеранска клима и добрата храна. Покрај изградбата на паркот, пот-проектот опфати и реконструкција на пристапна улица и санирање на летната музичка сцена со цел да се создаде дополнителен простор за организирање на разни музички и културни настани, но и да се овозможи подобра туристичка понуда за посетителите на ова симпатично гратче покрај Дојранското езеро”, изјави пред присутните Евроамбасадорот Гир.

На враќање од Дојран кон Скопје, амбасадорот Гир ја посети и општина Конче – мала рурална општина во централно-источниот дел на Македонија која изобилува со природни убавини и историски локалитети кои вреди да се посетат. Општина каде благодарение на инвестициите спроведени преку Проектот за локална и регионална конкурентност, финансиран од Европска Унија беше овозможен подобар и полесен пристап до езерото Мантово, уредување на овој туристички локалитет како и мапирање и обележување на две пешачки патеки со што значително се подобрија условите за викенд во природа.

Заедно со градоначалникот на О. Конче, Благој Илиев, направија една кратка прошетка околу езерото Мантово, за кое беше информиран дека во лето температурата на водата е над 26ºC, што го прави погодно за капење и практикување на водните спортови, а дека застапеноста на повеќе видови на риби создаваат добри предуслови за спортски риболов. Издолжените вертикални граматни карпи во близина на ридот Габровска Чука кои се идеални за алпинистичко искачување исто така им го привлече вниманието.

„Навистина ми претставува задоволство што денеска имам чест на амбасадорот Гир да му ги претставам резултатите од спроведениот пот-проект финансиски поддржан од Европската Унија во износ од околу 300.000 евра. Создадени се нови можности за пешачење до локалитетот Габрешка чука, уредено е местото викано „Влашки колиби“, а воедно е подобрена и патната инфраструктира до Езеро Мантово. Со ова им овозможивме на посетителите подобри услови за прошетки во природа, рекреативни спортски активности околу езерото, пикник со најблиските и уживање во природните убавини. Недопрената природа, чистиот воздух и здравата храна се само мотив повеќе за туристите да го посетат Езерото Мантово и Општина Конче. Очекуваме, спроведените активности да поттикнат дополнителни приватни инвестиции  кои ќе ја унапредат туристичката понуда во нашата општина.“ – изјави градоначалникот Благој Илиев.

Проект за локална и регионална конкурентност

Проектот за локална и регионална конкуретност е водечки проект за развој на туризмот во државата преку кој се поддржани 57 потпроекти кои ги спроведуваат општини, микро и мали претпријатија, како и асоцијации кои работат во областа на туризмот во сите 10 туристички дестинации низ земјава. Целта на проектот е да го зголеми учеството на туризмот во локалниот економски развој преку подобрување на инфраструктурата, унапредување на капацитетите за сместување и угостителство, збогатување на туристичката понуда и зголемување на конкурентноста на туристичкиот сектор.

Проектот за локална и регионална конкурентост е финансиран од Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија, се администрира од страна на Светска Банка, а се спроведува од страна на Кабинет на Заменик Претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори.

Повеќе за проектот дознајте на: https://lrcp.mk/.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП