Џеф Безос повеќе не е најбогатиот човек на светот, откако загуби речиси 14 милијарди долари за само еден ден, па сега најбогатиот е Бернард Арно.
Французинот Арно поседува 47% од акциите на компанијата „LVMH“, која под еден покрив собира познати брендови како „Луј Витон“, „Кристијан Диор“ и „Тифани“, наведува порталот на магазинот „Форбс“.
По известувањето за деловните резултати во вториот квартал, акциите на „Амазон“ паднаа за 7,6 проценти, така што тој, како најголем акционер, загуби најмногу – околу 13,9 милијарди долари, а престолот на најбогатите повторно го презеде францускиот бизнисмен Бернард Арно.
И покрај фактот што акциите на конгломератот на Арно „LVMH“ паднаа за 1,4 проценти, најбогатиот Европеец е посиромашен за „само“ 2,9 милијарди долари, па оваа недела ја затвори со проценето лично богатство од 192,9 милијарди долари, пренесува Танјуг.
Арно и Безос се сменија на првото место во мај и јуни, но основачот на „Амазон“ беше на врвот во последните 50 дена.
Францускиот милијардер го зголеми своето богатство за повеќе од 100 милијарди долари во текот на минатата пандемиска година.