19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНовото име на мини шенген е Отворен Балкан, потпишани првите официјални договори

Новото име на мини шенген е Отворен Балкан, потпишани првите официјални договори

Како дел од церемонијата на Економскиот форум во Скопје денеска беше објавено новото име на иницијативата позната како мини шенген, која сега ќе се вика Отворен Балкан.

Премиерот Зоран Заев, неговиот албански колега Еди Рама и српскиот претстадел Александар Вучиќ, во рамки на иницијативата, во Скопје ги потпишаа првите официјални документи за соработка за, како што нагласија, силен импулс за поттикнување на регионалната соработка.

Потпишани беа Договорот за соработка за заштита и спасување од катастрофи во Западен Балкан, Меморандумот за разбирање за соработка во врска со слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан и Меморандумот за разбирање за соработка за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки во Западен Балкан.

Договорот за соработка за заштита и спасување од катастрофи во Западен Балкан има за цел Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија со соодветни капацитети да си помагаат едни на други во случај на катастрофи.

Во рамката на Договорот е предвидено планирање и спроведување на мерки за заштита од природни непогоди и несреќи од поплави, земјотреси, пожари, загадување на животната средина, несреќи на пловни објекти, радиолошки опасности, разни пандемии, како и индустриски и други катастрофи, заемно известување за заканите, настанувањето и последиците од катастрофи, како и заемна помош при спасување, давање помош и отстранување на последиците од катастрофи со копнени и воздушни сили и возила за интервенција во случаи на големи пожари, поплави, земјотреси и други непогоди.

Договорот исто така предвидува и заедничка едукација и обука на службите, единиците за заштита и спасување, единиците за заштита од пожари и другите членови на спасувачките тимови преку брифинзи, курсеви, обуки, семинари и други форми на соработка, како и организирање и спроведување на заеднички вежби за спасување и помош, размена на научни и технички податоци и други документи релевантни за заштита од катастрофи, како и соработка во развој и производство на опрема за спасување и обезбедување помош.

Со Меморандумот за разбирање за соработка во врска со слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан се изразува волјата да се олесни движењето на луѓето за да се обезбеди полесен и послободен пристап до пазарот на трудот со отстранување на работни дозволи и поедноставување на постапките за дозволите за привремен престој.

Меморандумот за разбирање за соработка за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки во Западен Балкан има за цел да ја зголеми и зајакне економската соработка меѓу трите земји.

Една од најважните придобивки од овој меморандум е поедноставувањето на процедурите поврзани со увоз, извоз и транзит на стоки во најголема можна мера со размена на податоци меѓу царинските и другите надлежни органи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП