26 април, 2024
ПочетнаКОРОНААмериканците издадоа ново предупредување за несаканите ефекти на вакцината на „Џонсон и...

Американците издадоа ново предупредување за несаканите ефекти на вакцината на „Џонсон и Џонсон“

Американската агенција за храна и лекови (ФДА) издаде ново предупредување за вакцината на „Џонсон и Џонсон“, наведувајќи податоци кои сугерираат дека постои зголемен ризик од развој на ретко невролошко нарушување во рок од шест недели по вакцинирањето.

Во писмо се наведува дека шансите да се развие ГБС-синдром по вакцинирањето се многу мали. Но истовремено се додава дека оние кои примиле вакцина на „Џонсон и Џонсон“ треба да побараат медицинска помош доколку се чувствуваат слабо или почувствуват пецкање или имаат потешкотии при движење.

Околу 12,8 милиони луѓе ја примиле вакцината на „Џонсон и Џонсон“ во САД, а пријавени се и 100 извештаи за ГБС-синдром кај вакцинираните, вклучувајќи и 95 посериозни случаи кои побарале хоспитализација, а бил потврден и еден смртен случај. Од „Џонсон и Џонсон“ изјавиле дека разговараат со регулаторите за случаи со ГБС-синдромот. Според експертите, тоа е ретка невролошка состојба во која имунолошкиот систем ја напаѓа заштитната обвивка на нервните влакна. Повеќето случаи се придружени со бактериска или вирусна инфекција, а повеќето луѓе закрепнуваат целосно.

Оваа состојба беше поврзана со вакцинации во минатото – најмногу со кампањата за вакцинација за време на епидемијата на свински грип во САД во 1976 година, а децении подоцна со вакцината употребена за време на пандемијата на грип H1N1 во 2009 година. Според Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ), овој несакан ефект се јавувал претежно кај мажи и претежно кај лица постари од 50 години.

Новото предупредување е уште еден удар врз вакцината на „Џонсон и Џонсон“, која требаше да биде важна алатка за вакцинирање на жителите во тешко достапните области и оние кои се двоумат дали да се вакцинираат затоа што е потребна само една доза од вакцината, а таа е полесна за чување отколку „фајзер“ или „модерна“. Но, употребата на оваа вакцина веќе е поврзана со појава на многу ретки и потенцијално смртоносни тромби. Американските регулатори објавија во април дека придобивките од вакцината го надминуваат ризикот од згрутчување на крвта.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП