Неколку експерти сметаат дека треба да се одобри дополнителна доза доколку се докаже значително зголемување на хоспитализациите или смртните случаи кај вакцинираните.
И покрај брзото ширење на варијантата делта, сè уште нема доволно докази за да се оправда барањето до регулаторите на фармацевтскиот гигант Pfizer Inc да одобрат трета, дополнителна доза на вакцината против ковид-19, велат експертите.
Pfizer и нивниот германски партнер BioNTech SE минатата недела објавија дека ќе побараат одобрување од европските и американските регулатори за вакцинирање со трета доза што ќе го зајакне имунитетот шест месеци по вакцинацијата.
Производителите сè уште ги немаат доставено до јавноста податоците кои ќе го поддржат ваквото барање, но најавија дека тоа ќе го сторат наскоро.
За понеделник е најавена средба со федералните здравствени власти за ова прашање, објави Pfizer.
Некои од водечките експерти за вакцини во интервју за Ројтерс ја доведоа во прашање рационалноста на ваквиот план и оценија дека се потребни повеќе податоци.
Ова е особено важно во време кога многу земји се борат да ги имунизираат своите граѓани со првите дози.
Разочарувачки е што тие пристапија кон сложена одлука толку еднострано, вели д-р Лери Кори, вирусолог во Центарот за рак на Фред Хачинсон во Сиетл.
Расте загриженоста во врска со ширењето на варијантата делта, која е позаразна од порано. Но, неколку експерти сметаат дека треба да се одобри дополнителна доза доколку се докаже значително зголемување на хоспитализациите или смртните случаи кај вакцинираните лица.
Тоа е показател што би зборувал во прилог на третата доза, рече д-р Пол Офит, директор на Центарот за едукација за вакцини во Детската болница во Филаделфија и советник за вакцини во Управата за храна и лекови на САД.
Во САД, ова сè уште не се случило и тешките форми на болеста најмногу ги погодуваат невакцинираните лица, рече Офит.
По објавата на Фајзер во четвртокот дека ќе побара одобрување за дополнителна вакцинација, американските здравствени власти ја уверија јавноста со изјава дека секој што ги примил двете дози може да се смета за заштитен дури и од варијантата делта.
Извршниот директор на „Pfizer“, Алберт Бурла и други со месеци велат дека вакцинирањата против ковид-19 ќе мора да бидат редовни, а ваквото сценарио ќе и ’обезбеди на компанијата профит во наредните години.
Шефот на научниот оддел на „Pfizer“, Микаел Долстен, рече дека причината за неодамнешното опаѓање на ефикасноста на вакцините во Израел е тоа што повеќето луѓе се вакцинираа во јануари или февруари.
Израелското Министерство за здравство соопшти дека ефикасноста во спречувањето на инфекции, како и симптоматско заболување, паднале на 64 проценти во јуни.