Усогласувањето на царинските стапки со стапките на ЕУ ќе доведе до јакнење на конкурентноста на домашната индустрија, зголемени инвестиции од страна на компаниите, а со тоа и нови вработувања. Ова беше посочено на состанокoт во Министерството за финансии на кој присуствуваа министерот за финансии Фатмир Бесими, заменик-претседателот на Владата на РСМ Фатмир Битиќи, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арианит Хоџа и претставници на Стопанска комора на Северна Македонија, Сојуз на стопански комори на Македонија, Стопанска комора на северо-западна Македонија, МАСИТ, МАТТО, како и претставници на АмЧам Северна Македонија.
Усогласувањето на царинските стапки е барање на стопанствениците во насока на хармонизација на царинските стапки на одредени тарифни броеви со стапките на Европската Унија. На состанокот беше претставена анализата кој ги опфаќа сите доставени барања за измена на царинските стапки на тарифните броеви од страна на сите стопански комори и ефектот врз македонската економија. Принципите врз кои се заснова и е работена анализата се заштитата на домашното производство и хармонизација на царинските стапки со стапките на ЕУ која треба да придонесе јакнење на конкурентноста на домашната индустрија, создавање поатрактивни услови за странските инвеститори, како и поинтензивно вклучување во глобалните ланци на снабдување односно создавање на додадена вредност.

