25 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНова причина за страв: ММФ предупредува на инфлација и последици

Нова причина за страв: ММФ предупредува на инфлација и последици

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) соопшти дека дополнителната фискална поддршка во Соединетите држави може да ги зголеми инфлациските притисоци и предупреди дека ризикот од поодржлив раст на цените може да предизвика порано од очекуваното зголемување на каматната стапка.

Повисоките каматни стапки во САД, пак, може да доведат до нагло заострување на глобалните финансиски услови и значителен одлив на капитал од економиите во раст и земјите во развој, рече директорката на ММФ Кристалина Георгиева во блогот објавен со извештајот на Г20.

Проценката на ММФ за ризиците од инфлација во САД доаѓа во време на остри критики од републиканските законодавци во врска со плановите на претседателот Џо Бајден да ги зголеми трошоците за повеќе илјади милијарди долари за инфраструктура, грижа за деца, студентски стипендии и проширување на покритието за домашна грижа за стари лица и хендикепирани лица.

Георгиева процени дека забрзаното закрепнување на САД од ковид пандемијата, чиј раст се очекува да достигне 7,0 проценти во 2021 година, ќе им користи на многу земји преку зголемената трговија, но дека зголемувањето на инфлацијата може да трае подолго од очекувањата.

ММФ предвидува глобален раст од 6,0 проценти за оваа година.

Другите земји исто така се соочуваат со зголемени цени на стоките и храната, кои го достигнаа највисокото ниво од 2014 година, ставајќи милиони во опасност од недостиг на храна, се вели во извештајот на ММФ.

Фондот смета дека глобалните економски изгледи остануваат неизвесни со оглед на развојот на пандемијата и напредокот на вакцинацијата, како и можноста растот на инфлацијата да биде „поотпорен“ отколку што се очекуваше.

Георгиева повторно повика на итна акција од страна на земјите од Г20 за забрзување на вакцинацијата кај ризичните нации, предупредувајќи на „влошување на јазот во опоравување“, кој алармантно заостануваат голем број земји , додека САД, Кина, еврозоната и неколку други брзо закрепнуваат.

Брзата акција може да спаси повеќе од половина милион животи само во следните шест месеци, додаде таа.

ММФ ги повика земјите да продолжат да водат флексибилна монетарна политика, внимателно следење на инфлациските ризици и финансиската стабилност.

Во земји, како што се Соединетите држави, каде закрепнувањето се забрзува, „неопходно е“ да се избегне прекумерна реакција на привремено зголемување на инфлацијата, рече Георгиева.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП