20 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИСите задоволни од откупот на тутунот

Сите задоволни од откупот на тутунот

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Околу 98 отсто од тутунот во Македонија е веќе откупен, преземени се 25.416 тони тутун со просечна цена од 180 денари за килограм, рече заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски по денешната посета на откупниот пункт во Тутунскиот комбинат во Прилеп и во селото Мажучиште.

– Ако се земат предвид и откупените количества во предвремениот рок од околу 1,5 тон по просечна цена од 165 денари може да се рече дека сме задоволни зашто имаме квалитетна реколта и ефикасен откуп, изјави Коњановски.

Од годинашниот откуп, нагласи, се задоволни и производителите во регионите на Струмица, Радовишко, Прилепско.

– На средбите, тутунарите велат дека откупот досега не бил волку добро организиран што за нас е дополнителен поттик да ги следиме состојбите, да ја усогласуваме легислативата и да ги поставуваме „правилата на игра“, истакна Коњановски.

Заменик министерот изрази благодарност за соработката со Сојузот на тутунските здруженија на Македонија, со стручните кадри во Министерството и со локалните власти посебно во прилепскиот регион. Министерството, додаде, е во постојан контакт со тутунските здруженија и потсекторот за тутун. Сите забелешки на земјоделците се разгледуваат и се преземаат максимални напори да им се излезе во пресрет.

Одговарајќи на новинарски прашања, Коњановски нагласи дека окрупнувањето на земјоделското земјиште е неопходен процес за успешено и конкурентно производство, а законот за задругарство што е веќе во процедура, треба да се донесе за околу еден месец.

– Поставивме здрава законска регулатива, но мора да знаеме дека треба окрупнување и на површините кои во земјава се исцепкани. Тоа е практика во европските земји која ја следиме и е успешна и продуктивна за земјоделците, изјави Коњановски.

Во врска со субвенциите подвлече дека „ветената поддршка земјоделците ќе ја добијат согласно законските рокови“. – Секогаш се чека да завршат откупните претпријатија и да достават списоци. Како што вети Владата, тутунарите ќе добијат по 1 евро субвенции за секој откупен килограм тутун, потсети заменик министерот.

Коњановски информира и дека ќе биде разгледана можноста за поедноставување на процедурата за издавање бел картон што е своевидна виза за новото тутунопроизводство.

– Ќе направиме анализа и ако има простор за мала гилотина од тој аспект, ќе ја спроведеме се за да им се излезе во пресрет на тутунарите, рече заменик министерот Зоран Коњановски, кој денеска се сретна со тутунарите во прилепското здружение „Мице Козар“.

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески оцени дека иако општината нема директни ингеренции во откупот на тутунот, сепак задоволството од кампањата, исплатата и постигнатата цена, посебно субвенциите што ги дава државата, се многу важни за развојот на градот.

– Добро платените тутунари кои ќе си ги земат субвенциите  и воопшто тутунопроизводството влијае на локалната економија. Освен тоа земјиштето се обработува, а земјоделците може да користат и други поволности од државата, изјави Ристески, кој го придружуваше заменик министерот при посетата на откупните пунктови.

Во Прилепскиот тутунски комбинат се задоволни од откупот на тутунот. Ги презеле планираните количества тутун кои навреме се платени, а откупеното веќе има пласман.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП