28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИрска го отфрли договорот за минимален глобален данок од 15 проценти

Ирска го отфрли договорот за минимален глобален данок од 15 проценти

Ирска во четвртокот одби да потпише изјава за воведување на глобален минимален данок од 15 проценти за да се избегнат даночни раеви за мултинационални компании, која ја поддржаа 130 од 139 земји кои што преговараат.

Изјавата, поддржана од 130 земји, е издадена од Париската организација за економска соработка и развој (ОЕЦД), која предвидува глобална минимална даночна стапка од 15 проценти и поголемо оданочување на најголемите мултинационални компании во земјата во која оствариле профит.

Ирскиот министер за финансии Пашал Донохое, кој преговара во име на Даблин, рече дека Ирска го поддржува договорот во принцип и ќе продолжи да преговара.

„Денес не бев во позиција да се приклучам на консензус за договор и специфична глобална даночна стапка од најмалку 15 проценти“, рече ирскиот министер во изјавата.

„Јас ги искажав резервите на Ирска, но останувам посветен на процесот и барам да најдам исход што Ирска сè уште може да го поддржи“, додаде тој.

Со стапка на данок на добивка од 12,5 проценти, Ирска успеа да привлече некои од најголемите мултинационални компании и може да изгуби повеќе од повеќето земји доколку се усвои предлогот.

Донохое, кој е и претседател на еврозоната, рече дека го поддржува „Првиот столб“ кој предвидува прераспределба на дел од данокот на земјата каде што се остварени профитите, бидејќи тоа „ќе донесе стабилност и безбедност во меѓународната даночна рамка“.

Тој претходно изјави дека сака договорот да им овозможи на помалите земји да користат даночна политика како средство за компензација на природните придобивки што ги уживаат поголемите земји за привлекување поголеми инвестиции и компании.

Секој осми ирски работник е вработен во мултинационална компанија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП