„Во однос на идната поставеност на монетарната политика, ќе продолжиме да ги следиме состојбите во надворешното окружување, а особено во ЕУ, како и домашните услови и нивното влијание врз девизните резерви и инфлацијата. Во услови на монетарна стратегија на стабилен девизен курс на денарот, токму инфлацијата и нивото на девизните резерви се двата клучни фактора од кои зависи просторот за спроведување олабавена монетарна политика. Повисоко ниво на девизни резерви, а поумерена инфлација, значи и поголем простор за продолжено спроведување лабава монетарна политика. Најновите податоци укажуваат дека девизните резерви се одржуваат на високо ниво ‒ тие надминуваат 4 милијарди евра, што е повеќе од двојно во споредба со глобалната економска криза. Инфлацијата умерено забрза под влијание на глобални фактори, но сепак тоа не се промени коишто ги создава побарувачката и засега не се очекуваат потрајни инфлациски притисоци.“
Ова меѓу другото го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на Третата меѓународна научно-стручна конференција со наслов „Економски и социјални импликации од КОВИД-19, предизвици и предлози за надминување“, чиј домаќин е Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

