понеделник, 28 ноември 2022
ПочетнаЕКОНОМИЈАШвајцарија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија преку нова Програма за...

Швајцарија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија преку нова Програма за соработка

Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија денес го одбележа почетокот на новата Програма за соработка 2021-2024 година преку панел дискусија со клучните партнери од владиниот, приватниот и граѓанскиот сектор на тема: кои се заедничките приоритети и кои се предизвиците за развој на државата. Преку новата програма Швајцарија потврдува дека ќе продолжи со поддршката на планот за развој на Северна Македонија. Вредноста на оваа четиригодишна програма изнесува околу 65 милиони швајцарски франци.

Швајцарската Амбасадорка Сибил Зутер Техада за новата Програма посочи –  „Швајцарија е искрен и сигурен партнер кој ја поддржува политичката, социјалната и економската транзиција на Република Северна Македонија од 1992 година. Новата Програма 2021-2024 ги потврдува нашите силни заложби за поддршка на државата на патот кон евроатлантските интеграции и постигнување на целите за одржлив развој. Во согласност со реформските процеси на Северна Македонија, новата Програма за соработка се фокусира на унапредување во областите на демократско управување, одржлив економски развој, како и оспобување на одржливи јавни претпријатија и заштита на животната средина. Веруваме дека нашето швајцарско искуство и експертиза во овие области ќе бидат корисни за негување заеднички дијалог за развојната агенда и приоритетите , и ќе додадат вредност во нивното реализирање.“

„Драго ми е што сме денеска тука заедно со Швајцарската амбасада да ја промовираме Програмата за соработка за 2021 – 2024 година, која и понатаму е израз на силната посветеност на оваа наша пријателска земја да ја продолжи поддршката на решавањето на преостанатите предизвици на нашата политичка определба, на нашите социјални и економски политики, особено сега во пост-ковид периодот“, изјави премиерот Заев.

Преку двете панел дискусии Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, Потпретседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Горан Мисовски, Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска , како и претставници од граѓанскиот сектор и приватниот сектор дискутираа како новата швајцарска Програма за соработка може да ги поддржи реформските приоритети за Европската и домашна агенда на Северна Македонија, како и во дефинирање клучни приоритети за остварување на одржлив економски развој во пост-Ковид свет.

Програмата се имплементира преку заеднички проекти кои се кофинансирани со Владата, како и преку мулти-донаторски програми и директни договори со македонски, швајцарски и меѓународни консултантски и граѓански организации. Со новата Програма, особено внимание ќе се посвети на зајакнување на вклученоста на приватниот сектор, воведување на дигитализацијата како алатка за постигнување на целите на Програмата, како и на интеграција на борбата против климатските промени, зачувување на животната средина и спречување на ризиците од катастрофи.

Дел од значајните достигнувања поддржани преку претходните швајцарски програми за соработка е унапредување на независноста, отчетноста и ефикасноста на Собранието како резултат на формирањето на Парламентарниот институт , зајакнување на граѓанското општество да работат на покоординиран начин за постигнување општествени промени, како и поактивно учество на граѓаните во процесите на донесување одлуки. Бизнис сектор воспостави врски со нови пазари и оствари дополнителна продажба од 1 милијарда македонски денари благодарение на поддршката за развој на деловниот екосистем. Со швајцарска поддршка 230.000 жители добија пристап до услуги за пречистување на отпадните води, а 120.000 жители добија подобрени услуги за водоснабдување, благодарејќи на швајцарските инвестиции. Површината на заштитените подрачја во Северна Македонија се зголеми за 20%, така што во моментов 11% од целокупната територија на државата е под заштита.

Швајцарската Програма за соработка 2021 – 2024 може да се прочита тука – https://www.eda.admin.ch/dam/countries/countries-content/north-macedonia/en/swiss_cooperation_programme_north_macedonia_2021_24_EN.pdf

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП