2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКовид-19 ги принуди Германците да подигнуваат готовина и да ја чуваат дома

Ковид-19 ги принуди Германците да подигнуваат готовина и да ја чуваат дома

Побарувачката за готовина се зголеми во Германија во пандемијата во 2020-та година и покрај широкиот спектар на опции за плаќање, покажа истражувањето на централната банка.

Вкупната вредност на банкнотите издадени во 2020-та година порасна за 9,5 проценти, објави во неделата „Бундесбанк“.

„Луѓето акумулираа готовина во пандемија затоа што ги мачеше неизвесноста“, велат од банката.

Тие исто така забележуваат дека побарувачката нагло скокна на почетокот на пандемијата, во март.

„Претпоставувам дека луѓето во пандемијата собираа готовина затоа што ги мачеше неизвесноста, но и затоа што немаа шанса да ги потрошат парите“, рече извршниот директор на „Бундесбанк“, Јоханес Берман.

„Пандемијата произведе голема несигурност“, нагласи Берман.

„Сè уште не е можно да се процени кога и како овој тренд ќе се нормализира во услови на опаѓање на случаите (новозаболени) и олеснување на ограничувањата“, додаде официјалниот претставник на „Бундесбанк“.

„Забележуваме дека готовинските депозити повторно растат во филијалите на банките и дека луѓето се повеќе собираат пари“, забележува тој.

„Бундесбанк“ проценува дека 40 проценти од побарувачката е генерирана од желбата на граѓаните да чуваат готовина дома, а можна причина за растот, велат тие, е обидот на граѓаните да избегнат негативни каматни стапки на заштедите.

Комерцијалните банки во еврозоната плаќаат негативни каматни стапки од 0,5 проценти на депозити во Европската централна банка (ЕЦБ) и многу од нив се повеќе ги префрлаат трошоците не само кон компаниите, туку и кон граѓаните.

Студија на институтот „ЕХИ“ покажа дека Германците ги сменија режимите на плаќање во 2020-та година.

„Кризата го забрза падот на продажбата со плаќања во готовина во стационарна малопродажба најмалку три години. Победници во кризата се несомнено картички и деловното работење преку Интернет, што значително порасна“, изјави авторот на студијата Хорст Рутер.

Од друга страна, „Бундесбанк“ посочува дека Германците сè уште претпочитаат да плаќаат во готово, чиј удел во трансакциите е 60 проценти, и треба да остане така по пандемијата и во догледно време, проценуваат тие.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП