29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗа граѓаните нова еко-такса, за функционерите нови службени возила!

За граѓаните нова еко-такса, за функционерите нови службени возила!

Последниве два дена наместо главна тема во разговорите на граѓаните да бидат случувањата на Европското фудбалско првенство каде настапува и Македонија, власта се погрижи повторно да го привлече вниманието на јавноста, а со тоа и да предизвика голем револт со планот за воведување на нова давачка таканаречена еко-такса. Граѓаните бесни дека ова се случува во време на криза и во период кога голем број на институции кои се под државна капа си набавуваат со народни пари нови службени автомобили. А згора на тоа властите од граѓаните бараат повеќе да се користат велосипеди, тротинети и електрични автомобили. Еколошката такса граѓаните ќе ги чини над 4 денари плус пресметан со ДДВ за секој литар наточен бензин или дизел гориво на бензинските пумпи.

Денар побара мислења и ставови од активисти и бизнис здуженија за оваа најавена нова давачка, дали нејзиното носење е со искрени цели или пак во позадина се крие покривање на дупката во државната каса или пак е тоа добар план за нечија солидна заработка. Активистот Марјан Ненов од здружението на граѓани „Уа Лопови“ за Денар вели дека власта повторно се сети да измисли  нова мерка со која ќе го полни државниот буџет, а тоа секако ќе биде на грбот на граѓаните. Напоменува дека ова може да биде и голем луксуз на власта бидејќи ова го наметнува во изборна година, што не значи и дека следната година нема да добиеме покачување на оваа еколошка давачка.

„Јас лично ќе се израдувам ако овие нови средства се искористат за еколошки цели, но сум скептик во тоа. Слично како што граѓаните уплаќаат одредена сума при регистрација на возилата на сметката на Министерството за животна средина и се акумулираат сретства за кои никој не знае како се трошат, така можам да очекувам дека еколошките такси ќе се пренаменуваат за други цели, односно за пополнување на минусите во буџетот или можеби за субвенции за малите хидро централи. И за крај ќе повторам она што со години го кажувам: Загадувањето е бизнис и ние го дишиме тој бизнис. Ниедна еколошка такса нема да помогне доколку нема вистиска намера во власта да го спречи тој бизнис. А кога профитерите од тој бизнис се во секоја власт загадувањето ќе не дружи уште многу долго!“, вели Марјан Ненов од „Уа Лопови“.

Освен граѓаните кои приватно си ги користат своите возила, а со тоа и сериозно ќе ги почуствуваат финансиските последици од воведувањето на новата еко тарифа, во стопанството први на удар секако ќе бидат транспортерите. Од Асоцијација Макам-транс како репрезентативен преставник на превозни трговски друштва велат дека во ниеден момент не се консултирани во однос на одлуката на Владата да се зголеми еколошката такса која е составен дел на цената на горивата и се движи во рамките на минимални износи од 0,6-0,8 денари зависно од видот на горивото. Според Билјана Муратовска претседателка на оваа Ацоцијација воведувањето на еколошка такса преку погонското гориво значи казна за сите превозни трговски друштва кои и те како се задолжени во банките и лизинг компании за да можат да купат еколошки возила и да бидат по конкурентни на европскиот транспортен пазар.

„Еколошката такса може да се воведе на друг начин и да преставува стимулативно средство за сите превозници и граѓани , по примерот на Германија , да се заменуваат старите возила со нови, а државата да ги откупува и да дава грантови на секој кој е спремен да го замени возилото со возило кое ќе има повисок еуро стандард. Кој нема да го прифати овој начин при регистрација на возилата може да плаќа многу повисоки давачки на име еколошка такса. По примерот на државите членки на ЕУ може да се воведе плаќање на патарина според еколошкиот стандард на возилата со што ќе се намалуваат штетните издувни гасови на сите возила кои имаат од Еуро 3 до Еуро 0 стандард, но подеднакво ќе бидат опфатени без никаква дискриминација и домашните и странските превозници.Овој начин на наплата на патарина одамна се спроведува во сите држави на ЕУ и постојат едноставни системи за препознавање на возилата и званични документи за докажување на еуростандардот на возилото“, вели Билјана Муратовска.

Ваквото зголемување на цените на дериватите со сигурност ќе донесе и дополнително  поскапување на останатите основни производи кои граѓаните секојдневно ги набавуваат, сметаат од Сојузот на стопански комори на Македонија. Од ова бизнис здужение истанаа дека зголемување на даноците во овие услови ќе има негативни ефекти како по активноста на стопанството така и по животниот стандард на граѓаните воопшто. Како последица велат на кризата веќе имаме забележлив пораст на цените, што само ќе се засили со воведување на еколошка такса.

„Еколошкото оданочување кое има функција на дестимулирање на однесувања и активности кои придонесуваат кон загадувањето, треба да има приоритет, но и неговото воведување мора да има одредена динамика, период за прилагодување, достапни ресурси за спроведување нови решенија. Одржливост и стабилност на даночниот систем што ќе донесе раст, развој и благосостојба може да се постигне единствено со однапред испланирани и познати решенија за кои ќе има доволно време и соодветни услови за имплементација. Воведување на ад хок решенија создаваат непредвидливост и несигурност што директно негативно влијае на намалување на активноста на стопанството“, велат од ССК.

Опозицијата прва алармираше пред една недела дека власта подготвува ново зголемување на дериватите. Сега кога сето тоа се обелодени ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува  власта дека по сопствена мера си крои и носи нови даноци и давачки со кои сака да дојде до свежи пари пред избори. Според опозиционерите, еколошката такса ќе имлицира зголемување на цените на производите и ќе придонесе за уште потежок живот на народот во Македонија.

„Предупредуваме повторно дека со овој „еколошки данок“ ќе се предизвика директен ценовен шок и нов бран на поскапувања на сите производи, за и онака презадолжените граѓани кои тонат во долгови да им стане живеачката уште поскапа. Заев ја уропасти економијата и не донесе подобар живот, туку неизвесна и скапа живеачка и посиромашни граѓани“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот Зоран Заев пред два дена објави дека со ребалансот на буџетот се предвидува воведување на еколошка такса со која од први јули за секој литар гориво граѓаните ќе плаќаат по 3,5 денари. Од оваа давачка Владата планира годишно да собира по околу 50 милиони евра, а тие пари да ги вложува во обновливи извори на енергија.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП