29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕвропскиот парламент ја тужи Европската комисија

Европскиот парламент ја тужи Европската комисија

Европратениците усвоија резолуција со која се означува покренување на судски спор против Европската комисија, затоа што не стори ништо за примена на правилата за условување на употребата на европските фондови со почитување на владеењето на правото.

За резолуцијата гласаа 506 пратеници, 150 беа против, а 28 беа воздржани, објави Европскиот парламент.

Во Резолуцијата се наведува дека механизмот за користење на средства од европските фондови, почитувајќи го владеењето на правото, стапи на сила од 1 јануари и дека Европската комисија, и покрај тоа, не предложи мерки засновани на новото правило и не развила упатства за неговата примена до 1 јуни, кога е крајниот рок кој го даде Европскиот парламент.

„Ова претставува доволна основа за преземање правни активности против Комисијата, согласно член 265 од Договорот за функционирање на ЕУ“, се вели во резолуцијата.

Според документот, „во меѓувреме, парламентот веднаш ќе ги започне потребните подготовки за евентуален судски спор против Комисијата врз основа на член 265 од Договорот за функционирање на Европската Унија“.

Европратениците ја повикуваат Комисијата брзо да реагира на сериозните нарушувања на владеењето на правото во некои земји-членки, кои сериозно ја загрозуваат правичната, законска и непристрасна распределба на средствата на ЕУ.

Комисијата треба да ги искористи сите потребни средства за да одговори на постојаното кршење на демократските принципи и основните права во ЕУ, вклучително и напади врз слободата на медиумите, новинарите и слободата на здружување и собирање, се вели во резолуцијата.

Злоупотреба на средства

Правилото за условеност на употребата на европските фондови од ситуацијата во областа на владеењето на правото е дизајнирано да ги заштити фондовите на ЕУ од можна злоупотреба од страна на владите на земјите-членки, но досега не биле предложени мерки врз основа на тоа.

Европскиот совет побара од Комисијата да ја одложи примената на новото правило за да можат земјите-членки да го оспорат пред Судот на правдата на ЕУ, што Полска и Унгарија го сторија на 11 март.

Усвојувањето на новиот механизам беше договорено на самитот на европските лидери на крајот на 2020 година, на што Полска и Унгарија силно се спротиставија.

Во тоа време, сепак, беше постигнат компромис така што правилото за поврзување на употребата на европските фондови со владеењето на правото да не се применува сè додека не биде одобрено од Судот на правдата на ЕУ.

Според тужбата на Унгарија и Полска, тој суд треба да одлучи дали механизмот за условување на распределбата на средствата на Унијата е кршење на Договорот за ЕУ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП