Европската комисија предложи вчера 167,8 милијарди евра за заедничкиот буџет на ЕУ за следната година. Буџетот ќе биде дополнет со околу 143,5 милијарди евра грантови во рамките на Фондот за обновување на ЕУ.
Средствата предвидени за поддршка на земјите кандидати и потенцијални кандидати во 2022-ра година ќе изнесуваат 1,9 милијарди евра, се наведува во предлогот на Комисијата.
Европската комисија вели дека средствата од буџетот ќе бидат насочени кон зајакнување на економското закрепнување на ЕУ и нејзините партнери, заштита и создавање нови работни места и дека приоритет ќе биде зелениот и дигиталниот развој.
„Ние предлагаме невидено ниво на финансиска поддршка за зајакнување на заздравувањето на Европа од здравствената и економската криза. Ќе им помогнеме на луѓето, компаниите и регионите кои се најмногу погодени од пандемијата. Ние ќе инвестираме во издржливоста и модернизацијата на Европа преку патот на зелена и дигитална транзиција, забрзување на нејзиното закрепнување и прилагодување за иднината се наши врвни приоритети“, рече еврокомесарот за буџет Јоханес Хан.
Кога станува збор за секторски алокации, 118,4 милијарди евра грантови за економска поддршка доаѓаат директно од фондот за обновување, 53 милијарди евра за земјоделство, 36,5 милијарди евра за регионален развој, 14,8 милијарди евра за поддршка на партнери и интереси на ЕУ ширум светот, 13,1 милијарди евра за иновации и истражување, 2,1 милијарди за европската вселенска програма, 1,9 милијарди за заштита на климата и исто толку за заштита на границите и фондот ИПА 3 за 2022-ра година.
Дополнителни алокации се однесуваат на управувањето со миграцијата (1,3 милијарди евра), одбраната и безбедноста (1,2 милијарди евра) и околу една милијарда евра за здравствена заштита и механизмот за цивилна заштита на ЕУ.
Буџетот на ЕУ за 2022-ра година е дел од повеќегодишниот заеднички буџет на ЕУ за периодот 2021-2027 година, кој изнесува 1.074 милијарди евра, односно е дел од целокупниот пакет за наплата од 1.824 милијарди евра.