Од 1 октомври недела станува неработен ден за сите. Сепак, од ова законско решение ќе има исклучоци.
Со предлог законот се предвидени следните исклучоци за кои се предлага да се дозволи да работат во недела и на празник:
-специјализирани продавници или киосци за продажба на сладолед, колачи и апетисани, цвеќиња, сувенири, филигранство, весници и цигари, во туристичките места утврдени со Законот за туристичка дејност;
-продавниците на бензински станици во чии рамки се врши трговија на мало претежно со храна, пијалаци и тутун;
-продавниците, киосците и штандовите во трговските центри (молови) кои имаат минимална ефективна површина за трговија на мало од 10.000 м2;
-штандовите и киосците каде што се продава добра за време на спортски настани, фестивали и манифестации, саеми и за време на јавната проекција на кинематографски дела и;
-продавници за трговија на мало со храна (без зеленчук и овошје), пијалаци и тутун во кои трговијата се врши лично само од сопственикот на продавницата.
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, посочи дека законот предвидува недела да биде ден на неделен одмор за сите работници, освен за дел од работниците во дејностите каде работниот процес не може да биде прекинат. Но и за овие работници ова законско решение значи напредување на работничките права.
„Овие работници за работа во недела ќе добиваат дневница повисока за најмалку 50 проценти од редовната дневница. Дополнително, ќе добијат и слободен ден што ќе го користат во наредните седум дена. Имплементацијата на Законот ќе биде контролирана од страна на Државниот инспекторат за труд“, кажа Шахпаска.
Таа информираше дека оние работодавачи кои ќе работат во недела, работењето треба да го пријават во Државниот инспекторат за труд, како надлежен орган за контрола на примената на законот.
„Работодавачите кои ќе го прекршат законот им се забранува работа од 15 дена и им се издава прекршочен платен налог. Доколку работодавачот го повтори истиот прекршок во рок од една година, забраната за работа ќе биде 30 дена. Во периодите на забрана за работа, работодавачот ќе има обврска на работниците да им исплаќа надоместок на плата во висина на платата исплатена претходниот месец и притоа, не смее да го намали бројот на вработените“, рече министерката Шахпаска.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, посочи дека измените во Законот за работни односи налагаат и измени и дополнување на Законот за трговија, со цел создавање законски решенија за поголема заштита на правото на неделен одмор во недела и на празници и се елиминираат можните злоупотреби во однос обезбедување на користењето на ова право.
Бектеши истакна дека со Предлог-законот за трговија, предвидено е додатокот на плата за работа во недела и на празници кој работодавачот (трговците) ќе треба да им го исплати на вработените да изнесува најмалку 100%, за секој час поминат на работа.
Исто така за трговските субјекти кои ќе работат во недела и на празници се утврдува надоместок во висина од 2% од вкупниот приход остварен во претходната година во недела и на празници, средства кои ќе се инвестираат во детски градинки согласно закон.