Приходите од десетте најголеми производители на чипови во светот достигнаа рекордно ниво во првиот квартал од 2021-ва година, според фирмата за истражување на пазарот „TrendForce“.
Вкупните квартални приходи на предметните компании се зголемија на 22,75 милијарди долари за време на периодот.
Чиповите се користат за сè, од автомобили и конзоли за игри до машини за перење и четки за заби. Тие се важен дел од глобалната економија и се клучни за многу од најголемите индустрии. Но, тие исто така се во недостиг и нивниот недостаток може да продолжи до 2023-та година.
„Поради зголемената побарувачка за различни терминални уреди, производителите ги зголемуваат своите активности за снабдување со компоненти, и како резултат на тоа, капацитетот на производителите е недоволен од 2020-та година, поради што различни производители ги зголемуваат цените и ја прилагодуваат својата мешавина на производи за да обезбедат профитабилност“, пишува аналитичарот на „TrendForce“, Џоан Кјао.
Околу 75% од приходите на најголемите производители на чипови во светот во последниот квартал беа генерирани од една компанија: „TSMC“ или „Taiwan Semiconductor Manufacturing Corporation“.
Компанијата со седиште во Тајпеј оствари приход од 12,9 милијарди долари за првиот квартал, што е за 2% повеќе од претходната година, според „TrendForce“. Чиповите на „TSMC“ со 7, 12 и 16 нанометри се нејзините главни извори на приход.
Соединетите држави и Европската унија велат дека сакаат да бидат понезависни кога станува збор за чиповите, бидејќи голем дел од светските чипови се произведуваат во Азија.
Од своја страна, приходите на јужнокорејскиот технолошки гигант „Samsung“ во овој сегмент се намалија за 2 проценти во последниот квартал на 4,1 милијарди долари.
Кјао тврди дека ова делумно се должи на зимската бура во Тексас во февруари, што доведе до прекин на електричната енергија во Остин и го принуди „Samsung“ привремено да го прекине производството на чипови во еден од своите погони во државата.
Кварталните приходи на тајванската „United Microelectronics Corporation“ се зголемија за 5 проценти на 1,6 милијарди долари, а кинескиот на „SMIC“ порасна за 15 проценти на 1,1 милијарда долари.
„TrendForce“ очекува компаниите во овој сектор да продолжат да растат, додека цените на производите исто така растат, а побарувачката останува голема.
„TrendForce“ очекува вкупните приходи на 10-те гиганти „повторно да достигнат историски врв“ со забележување на раст од 1-3% на квартална основа во вториот квартал од 2021-ва година.