1 мај, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Shell“ доби наредба амбициозно да ги намали емисиите на јаглерод

„Shell“ доби наредба амбициозно да ги намали емисиите на јаглерод

Холандски суд и нареди на „Royal Dutch Shell“ значително да ја намали емисијата на јаглерод диоксид, пренесува „Reuters“. Случајот може да биде клучен во однос на правната постапка против енергетските компании ширум светот, додава агенцијата.

Декретот ќе изврши дополнителен притисок врз секторот, кој е веќе оптоварен со еколошките очекувања на инвеститорите, активистите и владите.

Судот посочува дека до 2030-та година, „Shell“ мора да ги намали емисиите за 45% во споредба со нивоата во 2019-та година. Од „Shell“ соопштија дека тие ќе се жалат на судската одлука.

На почетокот на оваа година, нафтениот гигант објави еден од најамбициозните планови за „зазеленување“ во секторот. Според него, компанијата ќе го намали интензитетот на јаглерод во своето производство за 6% до 2023-та година, за 20% до 2030-та година и за 45% до 2035-та година во споредба со нивото од 2016-та година. До 2050-та година, емисиите ќе се намалат за 100% во споредба со нивото од 2016-та година, коментираат од „Shell“.

Сепак, според судот во Хаг, овие барања не се доволни. Според судијата, постои опасност „Shell“ да не ги исполни своите обврски за намалување на емисиите и затоа треба посебна наредба.

Тужбата против нафтената компанија беше поднесена од група еколошки организации, вклучувајќи ги „Гринпис“ и холандската организација „Пријатели на Земјата“, во 2017-та година. 17.000 луѓе ја потпишаа тужбата со образложение дека „Shell“ ги загрозува човековите права продолжувајќи да инвестира во фосилни горива.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП