25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПрофесорите по стручни предмети и практична настава со порака до деветтоодделенците: Преку...

Професорите по стручни предмети и практична настава со порака до деветтоодделенците: Преку реална пракса до брзо вработување

„Светот изгледа поинаку кога ќе излеземе од книгите и ќе успееме да имплементираме нешто од нив и во реалноста“, вели професорка од Велес

Образованието дефинитивно се менува, велат интервјуираните професори по стручни предмети од средните училишта ширум републиката кои во учебната 2021/2022 година отвораат дуални паралелки во рамки на проектот „Учи паметно, работи стручно“.

Доколку порано наставата во најголема мера се базирала само на теорија, сега со новиот концепт на дуално образование кој го имплементира Министерството за образование и наука, средношколците запишани во стручните паралелки имаат можност многу повеќе да учат преку реална пракса и практично комплетно подготвени да настапат во реалниот сектор на пазарот на труд.

Оваа учебна година во 46 средни училишта ќе се отворат вкупно 97 дуални паралелки кои ќе понудат настава во 15-тина различни струки. Од прехранбени техничари, машински техничари, градежни работници, електротехничари или енергетичари, преку рудари, шумари, столари, земјоделци, па сè до готвачи, угостители, фризери, козметичари, но и медицински персонал, економски техничари или бизнис администратори: младите ќе имаат можност да одберат некој од близу 70-те различни образовни профили, зависно од нивните афинитети.

Но, она што е најважно е дека независно од струката која ќе ја одберат, учениците ќе се стекнат со соодветни нивоа на квалификации во согласност со потребите на пазарот на трудот, а пак професорите по стручни предмети даваат силна поддршка деветтоодделенците стручното образование да го земат предвид, со што можат да дојдат до најлесен начин за нивното вработување.

Д-р Марија Ртоска, која е професор по стручни предмети и практична настава во ССОУ „Димитрија Чуповски“ од Велес објаснува дека еден од најважните елементи во стручното образование е поврзувањето на теоријата со праксата и дека вештините со кои учениците се здобиваат во тек на ваквото учење се нешто што дава цврста основа за градење на личноста која може веднаш по завршувањето на средното образование да најде вработување со дипломата што ја стекнува. „Кадрите кои се продуцираат се потребни на пазарот на трудот така што постои заемна корист, како од страна на ученикот, така и од страна на бизнис-секторот, а без пракса учењето не би било толку интересно и возбудливо“, вели таа.

Со подршка кон учениците, таа објаснува дека токму тие, професорите по практична настава се трудат да ги развијат нивните вештини и одговорности со цел да бидат подготвени за успешно спроведување на работните обврски во иднина.

„Знаењата пренесени со праксата имаат трајна вредност. Тие не се реченица или параграф што лесно се заборава, туку врежана слика за начинот на работење во соодветната професија“, истакнува Д-р Ртоска.

Владо Јованов, кој е дипломиран ветеринар и наставник по стручни предмети и практична настава во Земјоделско ветеринарната струка за образовен профил ветеринарен техничар од СОУ „Кочо Рацин“ – Свети Николе, вели дека стручното образование на учениците ќе им обезбеди образование кое е основа на нивниот иден професионален развој и ќе ги поттикне за можноста на самовработување. „Концептот  на дуално образование овозможува поголем број на часови по практична настава, кои ќе се реализираат во компаниите, а со тоа учениците директно ќе се вклучат во производниот процес и ќе се стекнат со вештини кои ќе им бидат корисни за брз и успешен настап на пазарот на труд“, вели тој.

Своја поддршка даде и професорот по машински стручни предмети во РЦСОО „Моша Пијаде“ од Тетово, Зоран Бошковски, кој вели дека со воведувањето на дуалното образование ќе има многу поголем бенефит и за самите ученици, бидејќи ќе изведуваат пракса во компанијата каде може да стекнат повеќе вештини, повеќе знаења и теоретскиот дел што се изучува во училиштето, да го применат во практични цели. „Учениците треба да изберат стручно образование бидејќи најголема придобивка е што доаѓаат до многу полесен начин до нивно вработување“, истакна проф. Бошковски, додавајќи дека преку практичната настава учениците се запознаваат со самите машини визуелно, за разлика од теоретската настава којашто ја изведуваме во училиште.

https://fb.watch/5MkvVJOgJ8/

Јоже Зашов, пак, кој е дипломиран електро инженер и професор по електро група предмети во СОУ „Гошо Викентиев“ од Кочани, истакнува дека средното стручно образование е исклучително важно бидејќи разликата е навистина голема помеѓу лицата што завршиле средно стручно наспроти оние кои завршиле гимназиско, особено во нивната работа. Тој самиот  завршил гимназиско пред да продолжи на Електротехничкиот факултет, и објаснува дека останатите колеги кои имале завршено средно техничко образование биле со повеќе познавање од електротехниката и практичната настава. Тој морал напорно да учи и да вложи многу повеќе труд за да го достигне нивното знаење, па оттука, неговата препорака е токму средното стручно образование кое ќе ги подготви средношколците за реалниот сектор во индустријата.

Проф. Зашов истакнува и дека неопходна е интензивна соработка помеѓу училиштата  и индустријата за подобрување на практичната настава, а пак во СОУ „Гошо Викентиев“ имаат позитивен пример со компанијата „Амфенол Технолоџи Македонија“ која има отворено работилница во самото училиште каде учениците ја имаат својата практична настава. „Учениците знаењата ги добиваат по изработката на практичните вежби. Затоа праксата во средно стручно училиште треба да биде застапена со поголем фонд на часови и директно во фирми кои сакат соработка со училиштата“, потенцира професорот Зашов.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП