26 април, 2024
ПочетнаКОРОНАПрвите дози на „спутник В“ од Торлак се очекуваат за 15 до...

Првите дози на „спутник В“ од Торлак се очекуваат за 15 до 20 дена

Министерот без ресор во Владата на Србија, Ненад Поповиќ изјави денес дека првите количини на вакцината „спутник В“ од „Торлак“ може да бидат готови за 15-20 дена.

Поповиќ за РТС изјави дека тимот од Србија вчера го прими целиот тим на Рускиот национален институт за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“, на чело со директорот, и дека им е врачен сертификат за производство на вакцината „спутник В“ на „Торлак“.

Според него, во престижниот руски институт е утврдено дека сè е сосем исто како кога се произведува вакцината во Русија.

„Тие признаа дека сме земја што успеа да го спроведе договореното и да ја заврши постапката во најкус можен рок. Контролирани се 18 параметри врз основа на кои е донесена одлуката“, рече Поповиќ.

Поповиќ најави дека во следните 10-15 дена, супстанцијата во специјална амбалажа ќе почне да пристигнува од Русија, и дека „Торлак“ ќе има од 10 до 15 дена да ја искористи таа супстанција.

Тој изјави дека на „Торлак“ треба да се произведат околу 100.000 вакцини, а првите дози може да се очекуваат за 15 до 20 дена.

„Вакцината од ‘Торлак’ ќе биде според светските стандарди“, потенцира Поповиќ.

Тој рече дека Владата на Србија и претседателот одлучиле да инвестираат 50 милиони евра во „Торлак“ во најсложената опрема, така што целиот производствен циклус ќе започне следната година, за да не се добиваат повеќе супстанции од Русија.

Тој повтори дека тоа немаше да се случи без договорот меѓу претседателите на Србија и Русија, Александар Вучиќ и Владимир Путин.

Рускиот национален институт за епидемиологија и микробиологија „Гамалеја“ го потврди квалитетот на вакцината произведена во „Торлак“ и одобри да се произведува во Србија.

Така, Србија е првата земја во Европа што ќе ја произведува таа вакцина.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП