19 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ и САД се блиску до договор за минимален глобален данок

ЕУ и САД се блиску до договор за минимален глобален данок

Европската комисија има намера да ја засили борбата против затајувањето данок. За таа цел, ЕУ сака да ги обврзе големите компании да објавуваат точни информации за нивното даночно оптоварување.

„Ние сакаме да обезбедиме поголема транспарентност“, рече еврокомесарот за економски прашања Паоло Џентилони во заедничкото интервју за германските и француските економски весници „Handelsblatt“ и „Les Echos“.

„Ова ќе ни помогне да се избориме со агресивното даночно планирање“, рече тој.

Брисел исто така сака да преземе мерки против таканаречените компании – поштенско сандаче.

Во исто време, Европејците се обидуваат да постигнат меѓународен даночен консензус.

„Имаме можност да постигнеме политички договор меѓу земјите од Г-20 во Венеција во јули“, рече Џентилони.

Предлогот на САД за глобална минимална даночна стапка од 21 процент ги оживеа дискусиите, а нешто слично бараше и ЕУ.

„Мислам дека нема да бидеме далеку од американскиот предлог“, објасни Џентилони.

Италијанецот е уверен дека ќе може да ги убеди земјите од ЕУ, како Луксембург и Ирска, кои досега привлекуваа инвеститори со ниски даноци, за даночните реформи.

Во средата, ЕУ ги претстави плановите за нова рамка за данок на претпријатие, што се очекува да биде побарувачка од договорената меѓународна промена на правилата за тоа колку и каде треба да плаќаат мултинационалните компании. Иницијативата следи по забрзувањето на преговорите меѓу 140 земји, откако САД предложија да се утврди минимална стапка за компаниите. Ситуацијата е особено проблематична во регионот, каде единствениот пазар треба да работи во средина со 27 различни даночни закони. Ова ги зголемува деловните трошоци и ги намалува потенцијалите за раст и инвестиции, истовремено создавајќи празнини и компликации, според Европската комисија.

Комисијата има намера „внимателно да го следи“ зголемувањето на инфлацијата во еврозоната, но останува на проценката дека зголемувањето е привремено. Според прогнозите на ЕУ, инфлацијата годинава ќе се искачи на 1,7 проценти, но потоа повторно ќе ослабне. Џентилони смета дека за тоа не е потребна паника, туку поголема внимателност.

„Ако ова предвидување не биде потврдено, мора да бидеме подготвени“, рече тој.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП