26 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПредложени се законски измени за аеродром на водa

Предложени се законски измени за аеродром на водa

aerodromnavoda

Предлог законот за дополнување на Законот за внатрешна пловидба, по скратена постапка, со кој се создава правна регулатива за функционирање аеродром на вода, денеска доби поддршка од собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија.

Со предложените решенија  целосно се уредува обележувањето подрачје на аеродром на водена површина, начинот на полетување, слетување, маневрирање и оперирање во границите на аеродромот на таква површина, како и местата, начинот и условите за слетување на хидроавион вон аеродромот на водена површина.

Според образложението од Министерството за транспорт и врски, кое преку јавен повик со Предлог законот треба да овозможи безбедност во внатрешната пловидба, со цел создавање услови за зголемување на туристичката понуда со нови содржини атрактивни за туристите во државава.

Во тек на расправата, членовите на Комисијата усвоија амандман, со кој се врши усогласување на предложениот закон со Законот за водите. Се предвидува физичкото или правно лице што ќе поднесе барање за добивање одобрение за локација  за поставување објект на вода да обезбеди водостопанска согласност од Министерството за животна средина и просторно планирање.  Тој документ ќе претходи на постапката за добивање одобрение. Согласноста може да се добие врз основа на претходно изработен основен проект, што ги уредува прашањата што се однесуваат на локацијата на објектот, хидролошките подлоги, хидраулички пресметки, намената на објектот и неговото влијание врз режимот на водите. Амандманот го предложија претседателот на Комисијата за транспорт Реџаиљ Исмаили и пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Лилјана Затуроска.

Објектите на вода, чие поставување е во функција на развој на туризмот, според образложението, претходно треба да бидат планирани со урбанистичко планска документација за туристичка развојна зона. Одобрение за поставување таков објект може да добие само правно или физичко лице кое има склучено договор за отуѓување на градежното земјиште за туристичката развојна зона, склучен со Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Одобрение за локација за поставување објект на водена површина издава Министерството за транспорт и врски.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески минатиот месец при посета на Струга информира дека на повикот што го распиша Министерството, интерес за изградба на аеродром на вода пројавила една заинтересирана компанија.  – Аеродромот на вода во Охрид нема да се гради како цврста и бетонизирана  градба, туку станува збор за обележување на Охридското Езеро за да се воспостават одредени норми за полетување и слетување, појасни министерот Јанакиески, истакнувајќи дека се внимава максимално на еколошките стандарди со оглед дека Охридското Езеро е заштитено од УНЕСКО.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП