20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕУ и САД постигнаа договор за тарифите за метали

ЕУ и САД постигнаа договор за тарифите за метали

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ќе објави дека постигнале примирје во спорот со Европската унија околу тарифите за металите. Ова значи дека некои иконски американски производи, како што е бурбон, ќе бидат поштедени од удвојување на увозните давачки во блокот од следниот месец.

Резолуцијата може да биде објавена уште во понеделник, според извори на „Bloomberg“, кои побарале анонимност.

Станува збор за жесток спор околу билатералните тарифи, кој започна во 2018-та година од тогашниот американски претседател Доналд Трамп, кога неговата администрација воведе даноци на челикот и алуминиумот поради проблеми со националната безбедност. ЕУ одговори на мерката, со двојно зголемување на тарифите за голем број увезени производи од САД до 50% што треба да стапи на сила на 1-ви јуни.

Според договорот со администрацијата на Бајден, ЕУ нема да ги зголеми тарифите и двете страни ќе започнат дијалог за прекумерниот капацитет на челик, според познавачите на ова прашање.

Во минатото, Брисел предлагаше да се отстранат сите тарифи меѓу двете страни за шест месеци додека течат преговорите за трајно решение.

Според изворите, во тек се преговори за можно целосно укинување на царините, но тоа сè уште не е подготвено.

Портпаролот на американскиот трговски претставник и Министерството за трговија не одговорија на барањето за коментар.

Џо Бајден ќе присуствува на самитот ЕУ-САД во Брисел следниот месец, неговата прва меѓународна посета како шеф на државата. Белата куќа веќе изјави дека една од темите на разговорот ќе биде трговската соработка.

Поранешниот претседател Доналд Трамп воведе тарифи за 25% на челикот и 10% на алуминиумот во март 2018-та година, оправдувајќи го овој потег со загриженост за националната безбедност на земјата. Некои земји, како што се Бразил и Јужна Кореја, беа во можност да постигнат договори за избегнување данок, а Трамп оттогаш се откажа од оние на Канада и Мексико. Но, за поголемиот дел од остатокот на светот, мерката останува на сила.

Како одговор, ЕУ објави дека воведува тарифи за некои од најпознатите имиња на американски производи, како што се мотоциклите „Harley-Davidson Inc.“, фармерките „Levi Strauss & Co.“ и бурбонот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП