6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИстражување покажало дека бројот на инвеститори во крипто-валути ќе се зголеми двојно...

Истражување покажало дека бројот на инвеститори во крипто-валути ќе се зголеми двојно во следните 12 месеци

Резултатите од истражувањето беа објавени непосредно пред Маск, со еден твит, да ја сруши вредноста на биткоинот за околу 7 илјади долари.

Неодамна, гувернерот на британската централна банка им порача на сите инвеститори во крипто-валути дека мора да бидат подготвени да ги изгубат сите инвестирани пари. На пазарот на криптовалути како биткоинот, не е невообичаено вредноста да скокне или да падне за илјадници долари за еден ден. Вредноста на крипто-валутите може да биде погодена од непредвидливи фактори. На пример, откако Маск вчера објави дека Тесла повеќе нема да прифаќа биткоини како платежно средство за нивните автомобили, цената на еден биткоин стрмоглаво падна за околу 7.000 долари за кратко време, пред повторно да порасне.

Оваа информација зборува многу за нестабилноста на криптовалутите и ризикот од такви инвестиции, но од друга страна, оваа форма на инвестиции може да донесе високи приноси на многумина, особено на раните инвеститори.

Истражувањето спроведено од страна на криптоменувачницата Гемини, покажа дека сè поголем број луѓе планираат да инвестираат дел од своите средства во крипто-валути во иднина. Тоа беше спроведено пред твитот на Маск, кој привремено ја намали вредноста на биткоинот и покажа дека во текот на следните дванаесет месеци, околу 13 проценти од возрасните американци, или околу 19,3 милиони луѓе, имаат намера да инвестираат во дигитални валути како што се биткоин и етереум.

Анкетата е спроведена на 3.000 лица на возраст меѓу 18 и 65 години, чиј годишен приход е 40.000 американски долари или поголем, а покрај зголемувањето на инвестициите, резултатите покажуваат дека профилот на просечниот инвеститор ќе се промени. Досега просечен инвеститор во криптовалути беше 38-годишен човек, но оваа форма на инвестиција станува се поинтересна за постарите лица, па Гемини велат дека просечната возраст на (американски) крипто-инвеститор ќе се зголеми до 44 години.

Гемини потенцираат дека моменталниот интерес за криптовалути, но и приносите генерирани од оваа форма на инвестиции се на највисоко ниво и се очекува да продолжат. Секако, секогаш треба да се има предвид ризикот од инвестирање во криптовалути бидејќи пред неколку години, откако вредноста на биткоинот достигна скоро 20 000 американски долари, таа брзо падна на под 4000 американски долари, што предизвика многумина да изгубат поголем дел од своите инвестиции, а некои дури и дел од животните заштеди, кои мислеа дека ќе ги зголемат со инвестирање во биткоини.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП