29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДржавната помош помогнала за повеќе вработувања, но не и за подобра ликвидност...

Државната помош помогнала за повеќе вработувања, но не и за подобра ликвидност и конкурентност!

Пред околу четири години Владата излезе со план и проект за поддршка на стопанството. Планот се состои од три столба, првиот за поддршка на инвестициите и вработувањата, вториот е наменет за освојување на нови пазари, а третиот за поддршка на иновациите. За се ова Владата на компаниите од приватниот сектор, вкучувајќи ги и странските инвестиции, им понуди пари од државната каса како нивен партнер во борбата за што повисок економски раст на земјава.

Истражувањето на Институтот за економски анализи Finance Think во својата последна анализа на тема „Мерење на ефектите од државната помош доделена на приватни претпријатија во Северна Македонија: Случајот на владиниот План за економски раст“ покажува дека државната помош не ги дала посакуваните резултати.

Потврда на наодите на Институтот Finance Think има и извештајот на Европската Унија за 2019 година во кој се наведува дека постои загриженост поради тоа што државните субвенции во Македонија се уште го поддржуваат капиталот на работодавачите, а не ја зголемуваат продуктивноста на фирмата и домашната додадена вредност.

Целта на истражувањето е да се оцени ефектот од државната помош врз конкурентноста на претпијатијата, колку тие успеале да ја подобрат конкурентноста и каков бил нивниот придонес за економскиот раст во периодот од 2018 до 2021 година. Во истражувањето резултатите се добиени по мерење на 12 индикатори за ефективноста на субвенциите. Имено наодите велат дека од парите кои ги добиле компаниите по основ на Законот за финансиска поддршка на инвестициите позитивен ефект имале само по однос на зголемување на бројот на вработувања. Но позитивни ефекти недостасуваат по следниве индикатори: приходи од продажба, инвестиции во фиксни средства, инвестиции во технологија, зголемување на плати за работниците, продуктивност на трудот, бруто и нето профит на компанијата, тековна и парична ликвидност, пазарен удел, перцепција за конкуренцијата.

Во суштина, од направените мерења и анализи може да се увиди дека добитниците на државна помош остваруваат добри перформанси, идентично како и компаниите кои не добиле никаква државна помош, а самостојно инвестирале во своето работење. Ваквите позитивни перформанси се резултат на самата инвестиција но, не и на државната помош која ја добиле компаниите.

Што се однесува до помошта која ја дава Фондот за иновации и технолошки развој на компаниите, тука е забележана значително поголема ефективност. Во овој случај нема раст на вработените во компаниите кои ја уживале финансиската поддршка, но тие од друга страна постигнале: раст на продажбата, зголемени инвестиции, продуктивност на трудот, зголемен профит и подобрување на ликвидноста.

„Наодот дека државната помош е во голема мера неефективна е значајна причина за загриженост за носителите на политики. Отсуството на ефект врз продажбите, инвестициите, платите и профитот бара значителен ремонт на Законот за финансиска поддршка на инвестиции. Насоката на реформата може да биде водена од позитивните ефекти кои ги генерира Фондот за иновациии и технолошки развој за државната помош: да се доделува ЗФПИ државна помош за инвестициски проект кој допрва треба да се реализира, откако ќе се испитаат неговата изводливост, трошоците, стапката на поврат и пошироките ефекти, иако ова ќе бара повеќе труд и поголем трошок сносен од државата. Оттука, еден важен начин на трансформирање на ЗФПИ државната помош е да се претвори нејзината ex-post исплата во ex-ante исплата, подложна на проектна оценка. Дополнително, ова е неопходно во контекст на EU acquis, со оглед на тоа што аплицирањето за помош пред да започне инвестицијата е основен предуслов за да се смета дека ефектот на поттик е присутен (заедно со останати дополнителни предуслови), а присуството на ефектот на поттик е неопходно за да може да се одобри доделувањето државна помош“, препорачуваат од Институтот Finance Think.

„Овој концепт на работење и пристапот на однесување како паметен приватен инвеститор го пресликавме и во ТИРЗ каде веќе го спроведуваме новиот развоен концепт за поттикнување инвестиции со повисока додадена вредност“, ова за Денар го вели првиот човек на Технолошко индустриските зони во земјава. Според Јован Десподовски целта е да се оди напред со привлекување инвеститори кои ќе носат поквалитетни инвестиции, што ќе придонесат повеќе во буџетот и ќе дадат поголеми плати. Со воведувањето на  индивидуализиран пакет на државна помош и принцип на селективност кој се базира на проценка на инвестицијата поголеми ќе бидат ефектите од неа за државата, но и за граѓаните.

„Си поставивме високи цели и очекувања. Околу 1 милијарда евра се досега вложени во ТИРЗ во изминатите 20 и повеќе години. Нашата цел е ова да го удвоиме во следните 3-4 години. Кај бројот на работни места, постојните 14.000 да ги направиме 25.000, а зошто не и 30.000. Платите да пораснат за 30 – 50%. Предходно покажавме дека амбициозна цел е достижна со посветена работа, храброст и поддршка. Верувам дека за 3-4 години ќе зборуваме за ТИРЗ, но и за македонската економија, како една голема успешна приказна“, вели за Денар Јован Десподовски директор на ТИРЗ.

Од Фондот за иновации велат дека заклучно со 30.04.2021 година портфолиото на Фондот брои 281 одобрени предлог проекти по основ на инструментите за поддршка од Планот за економски раст, столб III, во вкупен износ од над 21 милион евра, како и 78 одобрени предлог проекти финансирани од комбинирани средства од Светска Банка и Буџет од Планот за економски раст-столб III, во вкупен износ од над 12 милиони евра.

“Горд сум на успесите на тимот на ФИТР и се надевам дека сегашната форма на поддршка која ја нудиме на стартап компаниите ќе ја однесеме на многу повисоко ниво. ФИТР во изминатиот период интензивно работи на подостапна поддршка на стартапите, каде во соработка со големите корпорации и финансискиот сектор, ќе им излеземе во пресрет на потребите на компаниите во периодот на развој. Сметам дека ова е клучен период за компаниите, во период на кризата предизвикана од Ковид 19 и се надевам дека државата заедно со приватниот сектор заеднички ќе успееме успешно да одговориме на предизвиците”, изјави Коста Петров, Директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи за Денар вели дека една од сериозните придобивки е што како Влада ги придонеле за стимулирање на домашните компании. Податоците од Илинденска број два велат дека преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции во изминатите три години, потпишани се договори за финансиска поддршка со 245 субјекти, исплатената поддршка изнесува околу 20 милиони евра, а компаниите во своите бизнис планови за петгодишен циклус презентираа инвестиции од 411 милиони евра, од кои досега веќе инвестирале околу 150 милиони евра. Преку инструментите на ФИТР, обезбедена е поддршка за микро, малите и средни компании, таму портфолиото е уште поголемо, некаде околу 550 компании се поддржани, а нивните инвестиции се околу 75 милиони евра.

„Податоците од првиот квартал од 2021 година ни даваат за право да се надеваме дека стопанството закрепнува и дека компаниите ќе се вратат на своите претходни развојни планови многу брзо. Имено, трговската размена со странство во првиот квартал од 2021 година бележи пораст од 15,7%, во однос на првиот квартал лани, додека извозот во истиот период расте со стапка од 18%, а покриеноста на увоз со извоз е 75,9%. Индексот на индустриско производство во март 2021 година, по цела година, бележи стапка на позитивен раст од 7,6%, просечната плата исто така расте и достигна речиси 28 илјади денари (27.948 денари), што во споредба со мај 2017 година претставува раст од 22%, за четири години“, вели Фатмир Битиќи, вицепремиер во Владата задолжен за економски прашања.

Дека потребата за подобрување на сосотојбите е неопходна говори фактот што Македонија се наоѓа на 126-то место на скалата за категоризација на „Домашната конкурентност“, и тоа од 141 држава. Умерена подготвеност во однос на конкурентноста е нотирана и во ланскиот европски извештај за земјава. Во однос на висината на трошоците во 2018 година, државната поддршка за компаниите изнесува речиси 10% од целокупните годишни трошоци на Владата. Субвенциите за земјоделците пак достигнале нешто над 3 проценти од трошоците на Владата. 

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП