1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЈапонија принудена на буџетско штедење

Јапонија принудена на буџетско штедење

japonija1

Јапонија денес вети дека во рамките на двегодишниот буџет ќе заштеди дури 83 милијарди долари.

Земјата се обидува да го намали најголемиот јавен долг во индустријализираниот свет, а буџетската потрошувачка да ја намали за повеќе од четири проценти годишно.

Вестите за буџетските заштеди доаѓаат откако Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) го предупреди Токио поради прекумерното задолжување, пренесува агенцијата Франс прес.

Штедењето е предвидено во рамките на владиниот среднорочен фискален план со цел да се намали јавниот дефицит во периодот од април 2014 до март 2016 година, но не се претставени деталите од областите за кои е планирано штедењето.

Јапонскиот годишен буџет изнесува околу 93 билиони јени, а околу 40 проценти од таа сума се обезбедува со задолжување, со што е создадена должничка планина која е двојно поголема од економијата на Јапонија.

ММФ го предупреди Токио поради зголемување на долгот, наведувајќи дека е неопходно да спроведе клучни фискални и структурни реформи, вклучувајќи го растот на данокот на промет и дерегулација на земјоделскиот сектор.

Меѓутоа, според мислењето на некои аналитичари, најновиот план за штедење се базира на пооптимистично сценарио дека економијата ќе расте за околу два проценти годишно во наредната деценија, со паралелно намалување на новите задолжувања. Охрабрувачки знак е тоа што во првиот квартал економскиот раст изнесуваше 4,1 проценти, а податоците за вториот квартал се очекуваат наредната недела.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП