26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Купувајте криптовалути ако сте подготвени да изгубите сè“

„Купувајте криптовалути ако сте подготвени да изгубите сè“

Луѓето би требало да купуваат криптовалути само ако се подготвени да ги изгубат сите пари, рече гувернерот на Банката на Англија(Bank of England), коментирајќи го вртоглавиот скок на догкоинот, дигитален токен, создаден како пародија на криптовалутите во 2013 година.

Гувернерот Ендру Бејли пред новинарите на прес-конференцијата за референтната каматна стапка на Банката на Англија изјави дека верува дека криптовалутите, како што се биткоин, етереум или догекоин, немаат никаква вредност.

„Ова го кажав многу пати во последниве години. Се плашам дека немаат суштинска вредност. Тие имаат надворешна вредност, што им ја даваат инвеститорите. Централната банка има механизми за да се заштити од какви било шпекулативни влијанија. Жал ми е, ќе мора повторно многу отворено да го кажам ова – купете ги, ако сте подготвени да изгубите сè“.

Догкоинот порасна за повеќе од 20.000 проценти во текот на претходната година, а неговиот раст беше поттикнат од најавите на славните и рекламирање на нивното купување на социјалните мрежи.

Застапниците на криптовалутите тврдат дека дигиталните средства можат да бидат еден вид дигитално злато кое им нуди на инвеститорите безбедно бегство од инфлацијата. Други дури веруваат дека крипто-валутите можат да станат поефикасно глобално средство за плаќање отколку сегашните девизни системи.

Но, гувернерот Бејли е скептичен. „Се плашам дека валута и крипто се два збора што воопшто не одат заедно“, заклучи тој.

Извршниот одбор на Банката на Англија, вчера одлучи да ја задржи референтната каматна стапка на 0,1 процент, со очекување дека монетарните движења во оваа земја ќе бидат стабилни, а годишната инфлација да биде околу два процента. Следната седница на Извршниот одбор ќе се одржи на 24 јуни годинава.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП