25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОбновата на британската економија ќе биде побрза од очекуваното

Обновата на британската економија ќе биде побрза од очекуваното

Банката на Англија (ВоЕ) оцени дека економијата на Велика Британија е на пат да постигне посилно економско закрепнување отколку што се очекуваше порано, благодарение на релативно брзата кампања за вакцинација против Ковид-19 во земјата.

Британската централна банка ја зголеми прогнозата за раст на петтата најголема економија на светот во 2021-ва година на 7,25 проценти од нивото од 5 проценти што го предвиде во февруари, но истовремено ја намали проекцијата на растот на бруто домашниот производ (БДП) во 2022-ва година од првичните 7,25 проценти до 5,75 проценти.

Зголемувањето на предвидениот раст за 2021-ва година се заснова на фактот дека падот на БДП-то во првиот квартал од 1,5 процент е помал од очекуваниот и дека ограничувања поради Ковид-19 на економската активност полека се укинуваат, како и бројот на новозаболени со коронавирусот продолжува да паѓа.

Во изјавата од сесијата, „BoE“ исто така најави дека ќе го забави темпото на купување обврзници бидејќи нагло ја зголеми прогнозата за раст на економијата.

Како што прецизира, во периодот од мај до август, таа ќе купи обврзници во износ од 3,4 милијарди фунти неделно, во споредба со претходните 4,4 милијарди фунти неделно.

„Планираниот рок за завршување на програмата за набавки остана непроменет. Оваа оперативна одлука не треба да се толкува како промена на ставот во водењето на монетарната политика“, се вели во соопштението од „ВоЕ“.

Банката на Англија ја задржа референтната каматна стапка на минимум 0,1 процент.

Комитетот за монетарна политика на „ВоЕ“, исто така, одлучи со мнозинство од осум наспроти еден глас да ја задржи програмата за квантитативно олеснување, односно купувањето на обврзници на непроменето ниво од 895 милијарди фунти (1,24 трилиони долари).

Според проценката на централната банка, британската економија ќе се врати на нивото пред пандемијата во четвртиот квартал од 2021-ва година.

Во однос на инфлацијата, „BoE“ очекува индексот на потрошувачките цени да се искачи над целта од 2 проценти непосредно пред крајот на оваа година, но на среден рок да падне на околу два проценти.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП