28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗабрзува бизнис активноста во еврозоната, услужниот сектор се враќа кон раст

Забрзува бизнис активноста во еврозоната, услужниот сектор се враќа кон раст

Деловната активност во еврозоната се забрза во минатиот месец, бидејќи доминантната услужна индустрија излезе од обновената блокада и се врати на растот, покажуваат резултатите од истражувањето на аналитичката компанија „IHS Markit“.

Официјалниот финален индекс на композитни набавки (PMI), пресметан од „IHS Markit“ и кој се смета за сигурен показател за економското здравје, минатиот месец се искачи на 53,8 поени од 53,2 поени во март, пренесува „Reuters“.

Конечниот индикатор за „PMI“ за април е нешто повисок од прелиминарната проценка од 53,7 поени и е далеку над границата од 50 поени што го одделува растот од падот.

„Податоците од априлската анкета даваат охрабрувачки доказ дека еврозоната ќе излезе од двојна рецесија во вториот квартал“, рече Крис Вилијамсон, главен економист во „IHS Markit“.

Според него, производствениот бум, поттикнат од зголемената побарувачка и на домашниот и на извозниот пазар по укинувањето на мерките за затворање поради Ковид-19 во многу економии, е проследен со знаци дека услужниот сектор сега се вратил во раст.

„PMI“ во услужната индустрија се искачи на 50,5 поени од 49,6 поени во март, што е подобро од првичната проценка од 50,3 поени.

Аналитичката куќа од Лондон објави извештај во понеделникот само за производствената индустрија на монетарниот блок, според кој „PMI“ на фабричките активности достигна рекордно високо ниво во април.

Сепак, нарушувањата во синџирот на снабдување предизвикани од пандемијата доведоа до скок на цените на материјалите за производителите. Композитниот индекс на цените на производството се искачи на 64 поени од претходните 61,9 поени, на највисоко ниво во последните 10 години.

„Иако економското закрепнување ги зголемува инфлациските притисоци, тие сега се чини дека се во голема мерка ограничени на производствениот сектор, додека цените на услужниот сектор – клучна компонента во пресметувањето на основната инфлација што ја следи Европската централна банка – остануваат многу скромни“, изјави Вилијамсон.

Иако почетокот на вакцинациите во еврозоната беше проблематичен, сега тој процес се одвива многу побрзо, што го зголеми оптимизмот кај компаниите во услужната индустрија. Индексот на деловни очекувања се искачи на 68,4 поени од претходните 67,4 поени, достигнувајќи го највисокото ниво во повеќе од една деценија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП