19 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Посветеноста и напорната работа се клучни за успешниот развој на компанијата“ -...

„Посветеноста и напорната работа се клучни за успешниот развој на компанијата“ – вели во интервју првиот човек на Алкалоид, Живко Мукаетов

Првиот човек на Алкалоид АД Скопје, Живко Мукаетов, оваа година прославува 15 години од својот почеток на позицијата Генерален Директор на оваа многу успешна компанија. Почетоците на „Алкалоид“ датираат од 15 август 1936 година, со отворањето на првиот преработувачки капацитет, во кој петнаесетина работници во два погона произведувале околу 350 кг фармацевтски суровини. Денеска компанијата брои 2.430 вработени, околу 60.000 м2 производствени погони и 20 ентитети надвор од Северна Македонија. Брендовите на компанијата може да се најдат во 40 земји ширум светот и покрива пазар од околу 200 милиони жители.

“Успехот во работењето на Алкалоид се должи, пред сè, на квалитетот на кадрите кои работат во компанијата, на квалитетот на производите, на брендот Алкалоид и на поединечните брендови кои ги имаме, а кои ги граделе генерации алкалоидовци години наназад”, вели Генералниот директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје Живко Мукаетов во интервју за бизнис магазинот „Економија и Бизнис“.

Според него, за успешниот развој, клучни се посветеноста и напорната работа, како и некои од низата стратешки одлуки за развојот на компанијата.

Тој вели дека воопшто не било лесно да се наследи работењето на неговиот татко Трајче Мукаетов, кој важеше за голем визионер и основоположник на модерниот Алкалоид кој имаше огромен придонес за развојот и афирмацијата на компанијата, дефинирањето на нејзината деловна стратегија и долгорочна политика.

“Од Трајче Мукаетов наследивме систем со цврсто поставени принципи на корпоративно управување, но внесовме нова енергија согласно спецификите на модерните текови, секогаш имајќи ја на ум максимата на Трајче Мукаетов: „Алкалоид е компанија за сите времиња и мора да мислиме за нашата иднина“, вели Живко Мукаетов за магазинот „Економија и Бизнис“.

Според Мукаетов, Алкалоид е шеста фармацевтска индустрија во Југоисточна Европа, со 1 860 вработени во базата во Скопје и 570 во подружниците надвор од Македонија; пласмани во 40 земји во светот и добро распространета маркетиншка мрежа од 20 канцеларии распоредени во 14 земји во светот, која покрива пазар од преку 200 милиони жители. Акциите на Алкалоид се едни од најтргуваните акции на Македонската берза за хартии од вредност, а друштвото има регистрирани над 5 100 акционери. Компанијата важи за еден од најголемите плаќачи на данок во државава, со платени даноци кон државава во 2020 година во износ од над 18,25 милиони евра и во моментов има активни 1 130 домашни доставувачи.

И покрај пандемијата, Алкалоид продолжи со континуиран раст во изминативе 16 години, па така во 2020 година истите параметри беа 9% раст на продажби и 15 % кај нето-добивката.

Запрашан, Што беше најголемиот бизнис-предизвик минатата година?, тој за магазинот „Економија и Бизнис“ вели: “Како и целиот свет, така и нашата компанија мина низ трансформација на целокупното работење на сите нивоа. Поради огромната непредвидливост и бројните непознаници, на почетокот нашите одлуки беа базирани на принципот на обиди и грешки што, всушност, нè натера да излеземе од зоната на комфорот, да го подигнеме оперативниот менаџмент на највисоко ниво, темелно да ги пресметаме сите ризици и да дејствуваме паметно. Бевме свесни дека требаше да изнајдеме алтернативни начини да ги задржиме нормалните залихи на производи и да останеме во контакт со нашите колеги, соработници и сите засегнати страни. Особено ми е драго што во ниеден момент не потфрливме”.

“Алкалоид не запре со активностите кои ја покажуваат општествената одговорност на компанијата. Алкалоид беше прва македонска компанија која донираше износ од 200 000 евра на посебната наменска донаторска сметка на македонското Министерството за здравство формирана за целите на справување со здравствената криза.
По разни основи, Алкалоид АД, Алкалоид КОНС и Фондацијата „Трајче Мукаетов“ донираа дополнителен износ од преку 1 милион евра, од кои 125 000 евра беа наменети за донации во земјите од регионот”, вели Мукаетов.

Влезот на нови пазари на Алкалоид не запира. Најнов е влезотна пазарот во Обединетото Кралство. Поголем дел од успехот на Алкалоид се препишува на странските пазари- 65%, додека на домашниот пазар учествува со 35%.

Мукаетов вели дека посветеноста на континуираниот раст и развој и одржувањето чекор со најновите достигнувања во сферата на фармацијата беа главните причини поради кои во изминативе 20 години Алкалоид вложи преку 200 милиони евра во производствени капацитети, опрема, лаборатории, технологија, софтвер, кадар и слично. Инвестициите во истражување и развој се неопходен предуслов за градење на модерно и конкурентно производно портфолио кое придонесе за глобално позиционирање на брендот Алкалоид.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП