19 април, 2024
ПочетнаКОРОНАСтудија: По првата доза на Фајзер сè уште постои можност за зараза...

Студија: По првата доза на Фајзер сè уште постои можност за зараза од новите соеви

Една доза на вакцинаta Фајзер може да не произведе доволен имунолошки одговор за заштита од новите доминантни соеви, освен кај оние кои претходно биле заразени со коронавирус, се наведува во британското истражување.

Научниците од Кралскиот колеџ ги проучувале имунитетните одговори на здравствените работници во Велика Британија по приемот на првата доза на вакцината Фајзер. Откриле дека оние кои претходно имале лесна или асимптоматска инфекција од Ковид-19 имале посилна заштита од заразните мутирани соеви кои првпат се појавиле во Велика Британија и Јужна Африка.

Кај оние кои не закрепнале од ковид, имунолошкиот одговор по првата доза бил послаб, што значи дека сè уште постои можност за инфекција со новите варијанти, пишува Ројтерс.

Важноста на втората доза

“Истражувањата покажуваат колку е важна втората доза на вакцина. Луѓето кои ја примиле првата доза на вакцина и кои претходно не биле заразени со САРС-КоВ-2 не се целосно заштитени од загрижувачките соеви”, изјави имунологот Розмари Бојтон.

Експертите анализирале примероци од крв на учесници за време на студијата за да го забележат нивото на имунитет на изворниот вид, но исто така и на таканаречениот британски (B.1.1.7) и јужноафриканск и(B.1.351) сој.

Откриле дека по првата доза на Фајзер подобрениот имунолошки одговор во форма на Т-клетки, Б-клетки и неутрализирачки антитела во голема мера е поврзан со претходна инфекција. Кај оние кои не закрепнале од ковид, единечна доза на вакцината произвела пониски нивоа на неутрализирачки антитела против оригиналниот вирус и неговите мутирани варијанти.

Имунологот Дани Алтман рече дека ова значи дека за вакцинираните со Фајзер постои „период на ранливост“ помеѓу првата и втората доза.

Студијата наречена „Prior SARS-CoV-2 infection rescues B and T cell responses to variants after first vaccine dose“ беше објавена денес во списанието „Science“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП