23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАФЕД ги одржува каматните стапки близу до нула

ФЕД ги одржува каматните стапки близу до нула

Федералните резерви на САД ги задржаа краткорочните каматни стапки непроменети близу нула, како и програмата за купување обврзници од најмалку 120 милијарди долари месечно.

Шемата за откуп на обврзници има за цел да ја поддржи економијата која бележи силен раст од почетокот на 2021-ва година, како и да го поддржи функционирањето на пазарот во време кога каматните стапки на 30-годишните хипотеки сè уште се движат околу 3 проценти.

И покрај изјавата за економската моќ и зголемувањето на инфлацијата, иако привремена, Федералниот комитет за операции на отворен пазар (FOMC), кој одлучува за монетарната политика, едногласно зазеде став дека ништо нема да се промени во неговиот пристап и не сугерираше дека работите наскоро ќе се променат, известува „CNBC“.

Претседателот на Федералните резерви Џером Пауел рече дека заздравувањето е „нерамномерно и далеку од тоа да биде завршено“. Иако истакна дека инфлациските притисоци можат да се интензивираат во наредните месеци, тој смета дека „ова еднократно зголемување на цените веројатно ќе има само привремени ефекти врз инфлацијата“.

Пауел додаде дека сè уште не е време да се разговара за намалување на мерките за прилагодување, вклучително и за политиката на купување обврзници.

„Ќе биде потребно извесно време пред да видиме значителен напредок“, рече тој.

И покрај овие смирувачки пораки, акциите на Волстрит се намалија за време на прес-конференцијата на Пауел по состанокот.

Во соопштението од сесијата на „FOMC“ се забележува дека напорите за борба против пандемијата со Ковид-19 помогнаа во зајакнувањето на економијата, но треба да се стори повеќе.

Благодарение на напредокот на вакцинацијата и силната поддршка на политиките, „индикаторите за економска активност и вработување се зајакнати“, соопшти комитетот.

„Секторите најпогодени од пандемијата сè уште се слаби, но тие се подобруваат“, стои во соопштението.

„FOMC“ повтори дека економскиот напредок во голема мера ќе зависи од текот на пандемијата. Бројот на дневни случаи на новозаболени значително опадна, бидејќи близу три милиони луѓе се вакцинираат дневно во САД.

„Сегашната криза со јавното здравство продолжува да врши притисок врз економијата, а ризиците по економските изгледи продолжуваат“, се предупредува во соопштението.

Министерството за трговија на САД денес треба да објави прелиминарни показатели за растот на бруто домашниот производ во првиот квартал од 2021-ва година, што според аналитичарите ќе изнесува 6,5 проценти. Повеќето економисти, вклучително и оние во ФЕД, проценуваат дека 2021-ва година ќе биде најдобрата економска година за Соединетите држави, барем од 1984-та година.

Инфлацијата е во пораст, со потрошувачки цени во март кои растат за 2,6 проценти, што е најбрз раст на годишно ниво од август 2018-та година.

На пазарот на капитал, петгодишната стапка на инфлација во моментов се проценува на околу 2,5 проценти, во споредба со пред една година кога беше проценета на најниско ниво од 0,8 проценти.

Од ФЕД засега не се загрижени за инфлацијата, пренесува „CNBC“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП