29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКовачевски: Фирмите аплицираат за поддршка за плати, помина и Законот за финансиска...

Ковачевски: Фирмите аплицираат за поддршка за плати, помина и Законот за финансиска подршка чие носење го чекаа 24 илјади граѓани

„Буџетот е ликвиден и сите обврски во државата како и кон надворешните кредитори се исплаќаат навремено. Пензиите за месецов со одлука на Влада ќе се исплаќаат од 26ти април, исплатата по однос на мерките се одвива навремено, капиталните расходи се реализираат согласно предвидената динамика, приходите во Буџетот се подобри од минатата година, а невработеноста се намалува. Мерката за кредитна линија од ЕИБ е во финална постапка, со чија реализација процентот на имплементација на мерките ќе се зголеми на 92%. Фирмите од вчера, 21 април, аплицираат за финансиска поддршка заради исплата на плати за месеците февруари и март, а на Собрание поминаа и измените на Законот со којшто се овозможува исплатата на ранливите категории граѓани кои беа опфатени со мерката за финансиска поддршка, а истата не можеа да ја искористат поради неажурирани податоци во банката“, потенцира заменик министерот за финансии, Димитар Ковачевски, во гостувањето на емисијата „Што мисли народот“, на штипската телевизија ТВ Стар.

Ковачевски вели дека во Штип најпогодена е текстилната индустрија, како и дека мерките во петтиот пакет се таргетирани кон најпогодените индустрии и оти со нивната реализација ќе се  овозможи ревитализација на економијата.

Тој потенцира дека во истиот ден кога се донесени законите за петиот пакет мерки од страна на Собранието, е донесен и шестиот пакет-мерки во Владата таргетиран во најголем дел за помош на угостителството, што покажува дека од страна на носечките институции и од страна на Владата се реагира брзо и навремено и оти клучно е нивно брзо носење и од страна на Собранието за да може помошта да стигне до оние на коишто им е неопходна.

Ковачевски истакна дека економските политики и мерките коишто се реализирани го дале очекуваниот резултат за што говорат и макроекономските податоци.
Во првите два месеци, извозот на стоки регистрираше номинален раст од 9,8% на годишна основа, со што со засилена динамика продолжија позитивните движења во овој сегмент. Увозот на стоки регистрираше номинален раст од 4,4%, што придонесе трговскиот дефицит да се намали за 11%. Искористеноста на производствениот капацитет исто така расте, со 71% искористеност во февруари, што е на ниво од преткризниот период. Податоците за внатрешна трговија за првите два месеци, како што информира тој, покажуваат номинален раст на прометот од 0,5%, што следи по период на намалување во целата 2020 година. Просечната нето плата продолжува да расте и од почетокот на годинава со раст од 2,7% во февруари.

Последните податоците од Агенцијата за вработување исто говорат за позитивен тренд во поглед на вработеноста.  Во февруари годинава се евидентирани 159.608 невработени лица, додека во март годинава се евидентирани 145.327 невработени лица.  

Во однос на реализацијата на Буџетот од почетокот на годината, заклучно 15 април, приходите се повисоки во однос на лани за 7,8%.

– Имајќи ја предвид споредбената основа лани, која најголем дел не беше опфатена од ковид-кризата, ова е навистина позитивен резултат. Наплатата на даноците и придонесите е повисока за 8,7% во овој период, при што кај даноците се забележува висок раст од 11,6%, додека кај придонесите раст од 4,7%. Растот на наплатата на даноците најмногу се должи на растот на ДДВ-то за 17,7%, раст на данокот на добивка од 10,2% и на увозните давачки од 17,1%. Расходите се сервисираат редовно и навремено, додека буџетскиот дефицит е согласно планот“, изјави Ковачевски во гостувањето. 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП