Директорот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејсус, денес изјави дека проблемот со пандемијата на Ковид-19 сè уште не е решен, но дека може да се стави под контрола за неколку месеци, преку докажаните мерки во заштитата на јавното здравство.
„Ројтерс“ пренесува дека Тедрос на денешната прес-конференција изјавил оти СЗО со нетрпение очекува општествата и економиите повторно да се отворат, а патувањата и трговијата да продолжат непречено, но дека во моментов одделите за интензивна нега во болниците во многу земји се пренатрупани и луѓето умираат, но и дека е апсолутно можно да се избегне тоа.

