3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗнаци на заздравување на германската економија

Знаци на заздравување на германската економија

berlin1

Германските индустриски нарачки, клучниот индикатор за побарувачката во земјата и во странство, во јуни се зголемија за 3,8 проценти во однос на мај, соопштија германските власти.

Растот на нарачките, по два месеци пад, претставува поттик за клучниот преработувачки сектор на најголемата европска економија, која се опоравува од проблемите од крајот на минатата година, предизвикани од кризата во еврозоната, пренесува агенцијата Франс прес.

Резултатите од јуни се поволни главно благодарение на големите нарачки, вклучувајќи ги и оние на саемот за воздухопловство во Париз, наведува министерството. Кога од пресметките ќе се отстранат големите договори, нарачките се намалени за 0,7 проценти.

Нарачките за капитални стоки во јуни пораснаа за 6,8 проценти, додека нарачките за потрошувачката стока и полупроизводите се намалени за 0,2 проценти. Вкупните домашни нарачки се зголемени за 3,3 проценти, а странските за 4,2 проценти.

Ревидираните податоци за мај покажуваат дека тој месец нарачките се намалени за 0,5 проценти, а не за 1,3 проценти како што првично се мислеше.

На ниво на вториот квартал, индустриските нарачки се зголемени за 1,2 проценти, по растот од 0,5 проценти од претходните три месеци.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП