Богатството на милијардерите за една година, колку што трае пандемијата на коронавирусот, е зголемено за 4.000 милијарди долари, покажува последниот извештај на Американскиот институт за политички студии.
На порталот Бизнис инсајдер објавен е извештајот на Институтот за политички студии (IPS), кој покажува дека од 18 март 2020 година до 18 март 2021 година, богатството на 2.365 милијардери се зголемило за 54 проценти, односно за 4.000 милијарди долари, пренесува Анадолија.
Во извештајот се наведува дека 20-те најбогати милијардери се побогати за 742 милијарди долари, што е зголемување за 68 проценти.
Извештајот на меѓународната организација Оксфам објавен на почетокот на 2021 година, покажа дека милијардерите се побогати за околу 3.900 милијарди долари.
Во извештајот се наведува дека тие пари можат да помогнат никој да не остане сиромашен поради пандемијата на коронавирус и дека може да бидат искористени за да се купат доволно вакцини против COVID-19 за секого.