Закрепнувањето на американската економија од пандемијата зајакна во март, бидејќи работодавците отворија 916 000 нови работни места, најмногу од август 2020 година, соопшти Министерството за труд на САД.
Ова е далеку повеќе од 468.000 нови работни места во февруари, пренесува Си-Ен-Ен, истакнувајќи дека Министерството ја ревидираше бројката во февруари нагоре за скоро 100.000 работни места во споредба со прелиминарните податоци.
Овој индикатор е исто така многу подобар отколку што предвидуваа економистите, кои во март очекуваа поскромно зголемување од 647.000 нови работни места.
Некои од секторите, кои беа најсилно погодени од мерките за ограничување на короната, забележаа значителен раст на бројот на вработени, вклучително и рестораните и баровите кои создадоа 176.000 работни места.
Благодарение на трендот на раст на вработеноста, стапката на невработеност во март падна на 6,0 проценти од нивото од 6,2 проценти во февруари.
Сепак, иако некои сектори во однос на вработувањето се вратија на нивото пред пандемијата, целокупната американска економија сè уште има 8,4 милиони работни места помалку отколку пред една година, односно пред избувнувањето на Ковид-19, додава американската ТВ станица.