24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИгор Џамбазов за кредитот од Еуростандард банка: Изнесени се невистини кои морам...

Игор Џамбазов за кредитот од Еуростандард банка: Изнесени се невистини кои морам да ги демантирам

Актерот и шоумен Игор Џамбазов објави пишана реакција на социјалните мрежи, откако денеска оштетените штедачи од Еуростандард банка во соопштение го споменаа неговото име, тврдејќи дека негова фирма зела неповратен кредит, од оваа банка која сега е под стечај.

„Џамбазов ја искористил својата фирма ‘Брачна игра’ за да му биде одобрен ненаплатлив кредит, веројатно договорен со некој од раководните лица од Еуростандард банка, за да не го врати“, беше наведено во соопштението.

Актерот, пак, во неговата реакција потврдува дека друштвото „Брачна игра“ на 31 јули 2017 година, зело кредит од Еуростандард банка во висина од 700.000 денари, но негира дека фирмата не вратила ниту еден денар.

„Кредитот беше земен по најрегуларен пат, како и многу други фирми од областа на културата кои се обидуваа не само да преживеат, туку и да создадат некаква вредност на уметничкиот пазар, и беше наменет за два нови проекти во театарот. Не е точно дека ‘Брачна игра’ не вратила ниту денар. Досега се вратени 324.736 денари. Значи, скоро половина. Тоа го кажуваат и документите што ни ги испрати банката. Треба да се врати остатокот, плус каматите“, објаснува Џамбазов во неговата објава.

Тој исто така вели дека не е точно ниту тврдењето дека фирмата „Брачна игра“ во време на земањето на кредитот немала приходи и пливала во долгови.

„Работевме и повеќе од солидно. Фирмата имаше само еден долг кон една скопска фирма вклучена во еден од проектите, кој навистина не беше голем. Можеби колку една плата. Вториот долг е долгот кон банката. Друштвото ‘Брачна игра’ не е во стечај, за што постои и документ од Централниот регистар. Само што не функционира од веќе познатите причини, како и 90 проценти од фирмите. Кредитот беше враќан сè до крајот на 2019 година. Идејата ни беше да направиме нов проект, и во 2020 година од приходот, да си го вратиме долгот. Потоа дојде короната, и сè застана. Но никој, никогаш не помислил на можноста кредитот да не се врати“, нагласува актерот и додава дека и сега чекаат на одговор од банката за начинот на враќање, бидејќи добиле опомена преку писмо.

„Постојат две опции: Договор со банката за продолжување на плаќање на кредитот, или комплетна отплата преку некоја друга банка, за што постои законска можност. Се надевам дека ова набргу ќе се случи и оваа тажна приказна ќе заврши“, се наведува во објавата.

Џамбазов во неа вели и дека е подготвен да ги сноси сите правни последици.

„Моралните веќе ги сносам, благодарејќи им на медиумите за кои сензационализмот е секогаш пред вистината“, додава тој.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП